3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкономијата е забавена поради намалениот извоз, неефикасната администрација и слабата продуктивност на...

Економијата е забавена поради намалениот извоз, неефикасната администрација и слабата продуктивност на стопанството!

Дека македонската економија е забавена веќе потврда стаса од повеќе официјални извештаи на државните институции, а тие ја оправдаа и загриженоста на бизнисмените кои алармираат веќе подолг период дека работата не оди на арно.

Денар побара експертско мислење од професорот Марјан Петрески, која е причината за ваквата стагнација на макроекономски план.

Тој вели, макроекономски, моментално економијата е забавена, забавување кое произлегува главно од забавените инвестиции и надворешната трговија. Значи, онаа стагнација што ја гледаме кај европските економии, кои се наши главни трговски партнери, се пресликува и кај нас, и тоа многу бргу, пришто забележуваме значително забавување на извозот, но со оглед дека тој е врзан со увозот, значително забавува и увозот.

-Самиот економски раст кој Македонија го испорача на крајот од ланската година од само 1 отсто е сериозно потфрлање на остварувањето во однос на очекувањата кои за 2023 година беа дека Бруто Домашниот Производ ќе порасне од 1,5 до 2 проценти. Тоа забавување на економијата продолжува и во оваа 2024 година, вели професоеот Марјан Петрески.

Тој смета дека забавувањето е поврзано со начинот на кој монетарните власти влијаеа ширум Европа, а тоа е зауздување на инфлацијата, која во 2022 и 2023 година достигна размери какви што не сме виделе во поновата историја на глобално ниво. Сега, Петрески смета дека инфлацијата се смири, се намали на 3.2% во февруари 2024 година, што сеуште може да се третира за релативно високо, но тој очекува дека тенденцијата биде поволна во текот на годината, но севкупно очекувањата се дека ќе се заврши годината со стапка од околу 3-3.5%. Значи, тоа е макроекономскиот амбиент во кој сега се наоѓаме, додава Петрески.

„Кога бизнисмените зборуваат за големите проблеми во економијата, тие мислат на оваа макроекономска слика. Главниот проблем на оваа економија е ефикасноста, или поточно неефикасноста со која се прават работите, со која се води бизнис, со која се гради куќа итн. А тоа е сврзано со нашиот институционален поредок, којшто е неефикасен, често нефункционален, подложен на коруптивно делување итн итн. Вие имате флагрантна бавност, нереспонзивност, неагилност, почнувајќи од една релативно банална постапка да извадите пасош, па се до позначајни и покрупни постапки кои имаат реформски карактер на ниво на политика и кои треба да сменат некој процес за подобро утре и на граѓаните и на фирмите. Е, на тоа поле, не само што не се подобруваме, туку имаме и значајно влошување во последната деценија или повеќе, за што причини може да бараме и во емиграцијата (брејн дрејнот), и во партизацијата на јавната администрација, и во константното алудирање на меѓуетничките прашања (балансери и сл.), наместо доминантно да зборуваме за вработувања и напредувања по заслуги, како повеќе да се едуцираме и да сме попродуктивни, иновации, претприемништво итн. Е, тоа очекувам да го слушнам во понудите на политичките партии и по изборите да работат да се смени“, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Инфлацијата сега забавува, и веќе се сведува на толернатно ниво, и во моментов движењата се нешто поповолни во однос на очекувањата од пред неколку месеци. Но, исто така е точно дека кога цените на храната на глобалните берзи растеа, тој раст веднаш се пренесуваше во домашната економија. Но, кога цените нахраната започнаа да се намалуваат, а таква тенденција започна уште во текот на 2022 година, тогаш тој пад не се пренесе во пад во домашната економија. И овие практики професорот вели дека целосно треба да се препишат на пазарната структура во Македонија, која посебно во одредени сегменти од храната, не се базира на чиста конкуренција, туку повеќе наликува на некој тип картелско здружување со цел одржување на цените на одреднеи производи повисоки од она што го диктира трошочната структура за нивно производство.

Во овој дел Петрески смета дека затоа беа неопходни мерките за ограничување на маржите и за замрзнување на цените. Но, често забавувањето на инфлацијата се меша со намалување на цените, а всушност забавувањето на инфлацијата само значи дека растот на цените е помал, додека намлувањето значи дека имаме пад на цените или дефлација. Ние сега дојдовме на ново општо ниво на цени, и не треба да има заблуда дека цените би се намалиле на ниво од пред кризата. Според Петрески, намалувања се можни, но кај поединечни производи, што може да биде детерминирано од цената на инпутот на тој продукт, побарувачката за тој продукт, севкупно гледано, цените нема да се вратат на ниво пред кризата.

На прашањето, дали граѓаните и компаниите во периодот што следи треба да очекуваат намалување на каматите на кредитите тој вели:

„Во овој момент, ситуацијата од која зависи движењето на основната каматна стапка и севкупно поставеноста на монетарната политика, е мирна, и во поглед на движењето на инфлацијата и динамиката на девизниот пазар. Во однос на инфлацијата, сеуште постојат одредени ризици, и од глобалнатa и од домашната сцена, и тоа е ситуација која постојано треба да се следи. Но, под претпоставка дека нема да се појават нови притисоци врз цените и, да речам, волатилности во економијата, тогаш ова стагнација кај каматните стапки сега, очекувам да се претвори во простор во текот на втората половина од годината во постепено олабавување. Клучно, притоа, ќе е како ќе се однесува ЕЦБ зависно движењата во Еврозоната, а на домашната сцена остануваат сеуште битни домашните притисоци кај цените, евентуалните промени во фискалната политика во вториот дел од годината и растот на платите и движењата на пазарот на трудот севкупно“, вели Петрески.

Ризици на хоризонтот остануваат и тие треба будно да се следат, бидејќи никој со сигурност не може да покаже дали и кога тие може да се материјализираат со темпо кое е неочекувано, односно да настане некој нов шок додава Петрески. Секако, конфликтите во Украина и Газа траат, неодамна доста внимание се посвети на непроодноста на теснецоот Баб ел Мандеб, којшто е на излезот на Црвеното море кон Индискиот океан, а бродовите низ тој теснец беа мета на ракетирање то јеменските Хути, во поддршка на Палестинците. Сега поради тоа, бродовите со стоки треба да ја кружат цела Африка, што ја прави трговската рута меѓу Азија е Европа значајно поскапа. Значи, тоа може значајно да ги поскапи трошоците за транспорт и тоа да направи ценовниот притисок, но засега се чини дека нема позначајна материјализација на тој ризик.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП