3 мај, 2024
ПочетнаСВЕТСтолтенберг на церемонијата по повод 75-годишнината од НАТО: САД и Европа заедно...

Столтенберг на церемонијата по повод 75-годишнината од НАТО: САД и Европа заедно се посилни

САД и Европа се „посилни заедно“ во НАТО, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, во Брисел на церемонијата по повод 75-годишнината од тој воен сојуз.

„Верувам дека Америка и Европа се заедно во НАТО бидејќи заедно сме посилни и побезбедни“, рече Столтенберг, говорејќи во време кога во Европа расте загриженоста за американското учество во алијансата.

Тој говореше пред министрите за надворешни работи на 32-те земји членки на Атлантската алијанса собрани да ја одбележат годишнината во големата сала на седиштето на Алијансата во Брисел.

„На Европа и е потребна Америка за нејзината безбедност, а во исто време и на Северна Америка и е потребна Европа“ за нејзиниот воен придонес, нејзината разузнавачка мрежа или силата на нејзината дипломатија, рече Столтенберг.

Тој рече дека со НАТО Америка има повеќе пријатели и повеќе сојузници од која било друга сила во светот.

САД долго време бараат подобра распределба на придонесите за Алијансата, на која обезбедуваат повеќе од 70 отсто од своите ресурси.

Изгледите за враќање на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Белата куќа ги загрижува европските земји, кои стравуваат дека тој ќе се одвои од Европа и ќе ја прекине американската поддршка за Украина во војната.

НАТО денеска ја одбележува 75-годишнината од колективната одбрана низ Европа и Северна Америка во време кога руската војна во Украина влезе во третата година и е тест за решителноста на сојузниците.

Се одбележува годишнината од потпишувањето на основачкиот договор на Алијансата на 4 април 1949 година во Вашингтон. Поголема прослава е планирана кога лидерите на НАТО ќе се сретнат во Вашингтон на 9-11 јули.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП