2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкономистите бараат спас за економијата!

Економистите бараат спас за економијата!

Со засилено темпо во последниов период економистите објавуваат стратегии и нови планови како ова мало парче земја да биде пристојно место за живеење на луѓето.

Природни убавини има, вреден народ има, само недостасуваат пари. Токму затоа здруженија и поедници во последниве месеци претставија неколку предлог документи преку кои ќе се обидат да ја „живнат“ Македонската економија.

Најновиот план за развој на економијата го има професот Дарко Лазаров, кој стратегијата ја има опфатено во најновата книга која се вика “Нов договор за економски развој”. Стопанската комора како најстара и најголема бизнис-асоцијација ја понуди во јавноста со цел постигнување на заеднички договор и широк општествен консензус за клучните развојни приоритети на земјата кои треба да испорачаат поголем економски раст во наредните 10 години.

Професорот Лазаров се навраќа на Македонската економија која во изминатите 32 години од своето осамостојување помина низ повеќе економски циклуси и фази од својот развој без да испорача значителни стапки на економски раст. Тој вели, доколку македонската економија ја споредиме со сите останати земји од поширокиот регион, ќе може да се забележи дека има најниска просечна стапка на раст во изминатите три декади. А тоа според него е илустрација дека постоечкиот модел на раст нема капацитет да испорача позначителен економски прогрес кој ќе овозможи забрзување на земјата кон нивото на економска развиеност на земјите од ЕУ.

Тука според него логичното прашање кое се поставува е, зошто овој економски модел не може да испорача повисоки стапки на раст односно, кои се главните ограничувања на истиот? 

„Ако ги анализираме изворите на растот преку пристапот на побарувачка ќе констатираме дека најголем дел од растот на БДП се базира на стимулирање на финалната потрошувачка на домаќинствата и на јавната потрошувачка на државата со истовремен негативен нето-извоз. Најголем дел од таа потрошувачка се финансира преку задолжување на државата за што илустрација е континуираниот раст на јавниот долг и задолжување на приватниот сектор и граѓаните што секако се потврдува со трендовите на раст на задолжувањето на приватиот сектор. Истовремено, хроничниот трговски дефицит кој е резултат на неконкурентноста на македонската економија уште повеќе го зголемува надворешниот долг на земјата и го ограничува растот на економијата“, наведува професоарот Дарко Лазаров.

Дополнително, неговата анализа покажува дека изворите на растот преку секторскиот пристап укажуваат дека најголем придонес во растот има услужниот сектор и тоа домашните услуги како што се трговијата на големо и мало, угостителски услуги и јавните услуги за сметка на значително помалиот придонес на преработувачката индустрија која треба да биде носител на растот и главен поттикнувач на сите други сектори преку мултипликативните ефекти во ланците на снабдување.

„Резултатите од анализата за изворите на растот преку производниот пристап укажуваат дека растот во изминатиот период беше во најголема мера резултат на квантитативните промени кај факторите на производство (труд и капитал), без поголеми квалитативни промени во делот на технолошкиот прогрес и човечкиот капитал. 

За професорот Лазаров, сето ова покажува дека е потребна промена на клучните постулати и столбови на кој почива постоечкиот економски модел на земјата преку радикална промена на економските политики. 

Според него потребен е поголем фокус кон инвестициите. Државата треба значително да ги зголеми јавните капитални инвестиции и да обезбеди системки мерки за поддршка на приватните инвестиции. Јавните инвестиции треба да бидат насочени кон приоритетни капитални проекти како што е гасификацијата, енергетиката и железничката инфраструктура со цел истата да обезбеди подобри услови за бизнис-секторот. Лазаров додава дека со системската поддршка за приватните инвестиции треба да биде насочена кон производни и преработувачки компании кои имаат извозна ориентација во делот на техничко-технолошка модернизација и унапредување со цел тоа да овозможи поголема конкурентност на странските пазари. А од друга страна, државата треба паралелно да работи и на посериозна поддршка за промоција на македонските компании и македонските производи со цел нивна поголема препознатливост на регионалните и на странските пазари. 

„Потребно е значително подобрување на квалитетот на образованието и поголеми инвестиции во човечки капитал и иновации. Имено, државата треба да ги зголеми средствата за модернизација и подобрување на образовните услови и инфраструктура, како и поголеми инвестиции во наука и истражување преку поддршка на државните универзитети и истражувачки центри. Тоа секако треба да биде направено во согласност со потребите на бизнис-секторот и индустријата со цел креирање на нови производи со поголема додадена вредност и воведување на технолошко напредни производни процеси кои ќе ја зголемат продуктивноста во компаниите и ќе овозможат поголема конкурентност на домашниот и на странските пазари. Истовремено, државата треба да работи на воведување нови и иновативни образовни модели и концепти како што е дуалниот концепт на стручно образование со цел зголемување на практичните вештини и преку активни иновативни програми во соработка со бизнис секторот да ги поттикнува младите луѓе да се вработат веднаш после завршување на своето образование“, потенцира Лазаров.
 
Исто така според него важно е и јакнење на институционалните капацитети на државата што треба да обезбедат владеење на правото и правниот систем, борба со сивата економија и корупцијата, професионализација на јавната администрација и дигитализација на јавните услуги, како и креирање на поволен и стабилен деловен амбиент за бизнис-секторот како основа за поголема доверба во институциите и помали трансакциони трошоци за домашните и странските инвеститори. Секако експертот зборува и дека процесот на интернационализација на економијата подразбира целосно интегрирање кон ЕУ пазарот. За таа цел е потребно забрзување на процесот на ЕУ интеграции, јакнење на институционалните капацитети за поголема искористеност на ЕУ фондовите и исполнување на барањата и стандардите на ЕУ пазарите, како и градење на поволни регионални врски и подобри меѓународни трговски услови.

На професорот му е јасно дека сите овие процеси и системски реформи не се ниту едноставни, ниту можат да се случат преку ноќ, но она што е важно e дека истите мора сега и веднаш да почнат и за нив е потребно претходно да се обезбеди широк општествен консензус на сите чинители во земјата, тргнувајќи од креаторите на политики, бизнис-секторот, академската заедница и граѓанскиот сектор.

Со свои предлози досега излегоа освен Стопанската комора, и Организацијата Македонија 2025 како и Стопанската комора на Северозападна Македонија. Целта на сите им е јасна, подобар економски развој на земјава ќе значи и подобар квалитет на животот на граѓаните.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП