4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНекој 600, а некој 3.000 денари – како реагираат пензионерите на новото...

Некој 600, а некој 3.000 денари – како реагираат пензионерите на новото зголемување на пензиите?

Во текот на целата мината година, пензионерите честопати протестираа поради големите разлики меѓу најниската и највисоката пензија.

Барањата за зголемување на пензиите беа насочени кон линеарно зголемување од 5.000 денари, а минималната пензија требаше да ја следи минималната плата.

Денеска, околу 337.000 пензионери во државата ќе добијат повисоки пензии за 5,3%, согласно новата методологија воведена со последните измени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Новата методологија предвидува усогласување на пензиите со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата на сите вработени во државата и 50% пораст на трошоци на живот, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика.

Пресметките покажуваат дека зависно од групата, пензионерите можат да очекуваат зголемување од 600 до 3.000 денари.

Најниската категорија пензии која се движи од 12.500 до 16.000 денари, во која спаѓаат 40% од пензионерите ќе добие зголемување на пензијата од  662 до 850 денари.

93.000 пензионери кои земаат пензија од 20.000 до 32.000 денари, ќе добијат зголемување од 1060 до 1.696 денари.

Оние, пак, кои досега земаа пензија меѓу 30.000 и 50.000 денари, ќе добијат зголемување од 1590 до 2.650 денари, додека тие кои земаат пензија повисока од 54.000 денари ќе добијат зголемување од околу 3.000 денари.

На оваа тема Денар разговараше со неколкумина пензионери од Скопје, кои го коментираат зголемувањето на пензиите.

„Се чувствувам задоволна од новото покачување на пензијата. Отсега ќе добивам дополнителни 1.000 денари, што ми помага во секојдневниот живот. Не е многу, ама е доволно за да покријам некои трошоци во текот на месецот”, ни изјави Магдалена, 70-годишна пензионерка од Топанско Поле.

Пензионерот Владимир од Карпош, пак, вели дека не чувствува радост поради зголемувањето на пензиите, бидејќи, како што објаснува, тој се наоѓа во најниската категорија на пензионери и затоа ќе добие зголемување од едвај 700 денари.

„Припаѓам во најниската категорија на пензии и зголемувањето изнесува само 700 денари. Не сум задоволен од ова покачување и сметам дека најдобро би било да се воведе линеарно зголемување на пензиите. Што можам да направам со 700 денари? Еднаш да ги изнесам внучињата на сладолед и отишле парите. Ќе се радувам кога ќе добијам зголемување од минимум 5.000 денари“, дециден е Владимир.

Според економистите, носењето решенија на долг рок и нивната одржливост, од кои директна придобивка имаат граѓаните со акцент на ранливите категории, треба секогаш да претставува приоритет на Владата и на Министерството за труд и социјална политика.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП