27 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАСе намалува бројот на магистри и доктори на наука!

Се намалува бројот на магистри и доктори на наука!

Во текот на 2023 година со звањето магистер на науки и специјалист се стекнале 1828 лица. Доктори на наука пак лани станале 174 лица. Податоците на Државниот завод за статистика покажува дека има намалување на бројот на магистри за три отсто, а речиси за 12 отсто на годишно ниво е намален бројот на граѓани кои се стекнале со титулата доктори на наука. Официјалните податоци велат дека во Македонија има нешто над 600 невработени магистри, а работа бараат 15-на доктори на наука.

Последниот извештај на Државниот завод за статистика покажува дека во текот на ланската година 1828 лица се стекнале со звањето магистар. Од нив 1624 или 89 % се магистри и 204 или 11 % се специјалисти. Бројот на магистри и специјалисти, во споредба со 2022 година, е намален за 2.9 %.

Учеството на жените магистри, во вкупниот број лица што стекнале научен степен магистер на науки, во 2023 година е 59.8 %. Податоците велат дека лани најголем број од магистерските трудови, 624 или 38.4 %, се од областа на бизнисот, администрацијата и правото, 21.6 % се од областа на инженерството, производството и градежништвото, по што следат општествените науки со 11.9 %. Останатиот дел од областите се со помал процент на застапеност.

Во вториот дел на извештајот на државната статистика се наведува дека во 2023 година, звањето доктор на науки го стекнале 174 лица, што претставува намалување за 11.7 % во споредба со 2022 година. Податоците велат дека најголем број од лицата, 22.4 %, докторирале во областите бизнис, администрација и право, потоа 20.7 % во здравство и социјална заштита, следат општествените науки, новинарството и информирањето со 13.8 %, уметноста и хуманистичките науки со 12.1 %, а останатите области се со помал процент на застапеност. 91 жена одбранила докторска дисертација во текот на 2023 година, што претставува 52.3 % од вкупниот број лица што докторирале во истата година. Најголемиот процент од вкупниот број лица што докторирале, односно 21.2 %, ја вршат својата професија во образованието.

Информациите од Агенцијата за вработување велат дека и покрај огромната потреба од високо квалификувани работни позиции во македонското стопанство, без работа се над 600 магистри и речиси 20 доктори на наука.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП