1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОбама во обид за спас на „Обамакер“

Обама во обид за спас на „Обамакер“

mnmnmnmn

Американскиот претседател Барак Обама денеска ќе се обиде да ја спаси неговата здравствена реформа „Обамакер“, која се соочи со катастрофално лош почеток, бидејќи поради нефункционалноста на интернет страница и високите цени на осигурителните пакети, семо незначителен број граѓани се пријавиле
за здравствено осигурување.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, американската Администрација се уште не објавува прецизни бројки за бројот на граѓани кои успеале да пристапат до страницата www.healthcare.gov и да си обебзбедат здравствено осигурување според новите правила предвидени со „Обамакер“.

Обама за денеска најави прес-конференција во Белата куќа, на која ќе зборува за неуспехот на интернет страницата, но ќе претстави и луѓе кои сепак успеале да добијат здравствено осигурување.

– Ова мора да се реши, изјави поранешниот спикер на Претставничкиот дом и една од најблиските сојузници на Обама, Ненси Пелоси.

Извори блиски до Белата куќа во медиумите најавуваат дека во тек е целосна мобилизација на информатички експерти, кои деноноќно работат на подобрување на системот.

Ова мобилизирање на информатички експерти Белата куќа го спореди со кампањата на поранешниот претседател Џорџ Буш Помладиот, кој во 2007 година упати значителни засилувања во Ирак, со кои успеа да стави крај на најкрвавата фаза во војната во оваа земја.

„Обамакер“, од усвојувањето во 2010 година, предизвика и долготрајна политичка криза меѓу Демократската и Републиканската партија, што доведе и до блокада на Владата од 1 до 16 октомври.

САД имаат околу 49 милиони граѓани без здравствено осигурување. Една бројка за досегашниот ефект на „Обамакер“ врз ова прашање, која излезе во јавноста, доаѓа од новинската агенција Асошиејтед прес, која повикувајќи се на анонимни извори во Администрацијата на Обама соопшти дека до саботата биле поднесени 476.000 апликации за осогурување.

Но, агенцијата вели дека нивниот извор во Белата куќа не сакал да каже колку од овие апликации завршиле со добивање на осигурителна полиса.

Интернет страницата, која досега двапати беше затворена поради „ремонт“, а кога работи, работи бавно, од граѓаните бара прво да отворат свој кориснички профил внесувајќи лични податоци, а потоа преку него да разгледаат и да одберат осигурителна полиса.

Но, поради блокадите во работата на страницата, одделни сојузни држави излегуваат со делумни податоци. Првите податоци се однесуваат на бројот на луѓе кои ја посетиле страницата.

Многу помала е бројката на луѓе кои успеале да направат кориснички профил во кој наведуваат основни податоци, како што е државата во која живеат, колку члена има нивното семејство и колкави се приходите на семејството.

Третата бројка на граѓани кои успеале да обезбедат полиса, се смета дека е далеку помала.

Администрацијата истакнува дека во Калифорнија 100.000 граѓани го почнале процесот, но не кажува колкумина набавиле полиси.

Во Минесота 11.000 го почнале процесот, додека во Кентаки, единствената држава каде Белата куќа гордо ги истакнува бројките, 9.000 граѓани биле осигурани во рок од две недели.

Од јануари, граѓаните ќе бидат се соочени со казни од 95 долари во првата година, но кои во следните две години ќе пораснат до крајните суми меѓу 695 и 4.700 долари, доколку не обебзедат здравствено осигурување.

Ова е дел од новата законска обврска за сите Американци да имаат здравствено осигурување. Оваа обврска дополнително ги вознемирува граѓаните, од кои многумина се соочени со ситуација да не можат да обебзедат осигурување поради нефункционалниот систем, а сепак да бидат изложени на казна.

Американскиот секретар за здравство Кетрин Себелиус се соочи со повици од опозицијата да поднесе оставка поради овие катастрофални резултати во првите 20 дена од „Обамакер“, но Белата куќа соопшт дека има целосна доверба во неа.

Себелиус воедно одбива да се појави да сведочи пред Комисијата за енергетика и трговија, која за в четврток закажа сослушување за проблемите со „Обамакер“.

Комисијата најави искористување на правото за задолжително повикување на Себелиус, која веќе имаше едно тешко соочување во врска со „Обамакер“ во хумористичното шоу на Џон Стујарт. Конгресмените велат дека секретарот, која за в среда има закажано гала вечера, треба да најде време да се обрати пред Конгресот, како што најде време за Џон Стујарт.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП