6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКина излегува од дефлација, но сепак со големи проблеми

Кина излегува од дефлација, но сепак со големи проблеми

Потрошувачките цени во Кина се зголемија за 0,7 отсто на годишно ниво во февруари, изјави официјалниот претставник во саботата, што укажува на излез од шестмесечната дефлација.

Втората по големина светска економија во јануари имаше најголем пад на цените во последните 14 години, додека другите големи економии во светот, особено западните, сè уште се оптоварени со инфлацијата и падот на куповната моќ на дел од населението.

Инфлацијата во февруари беше повисока од очекувањата на аналитичарите анкетирани од агенцијата Блумберг, кои прогнозираа 0,3 отсто.

Цените пораснаа главно поради прославата на лунарната нова година во февруари, која е повод на најголемите семејни собири последниве години и воедно е период на голема потрошувачка.

Според податоците на Националното биро за статистика, цените на храната, тутунот и алкохолот продолжуваат да се намалуваат, за 0,1 отсто на годишно ниво, но цените на другите производи забележаа раст, особено во образованието, културата и забавата ( + 3,9 отсто), услуги (+3,0 отсто) и облека (+1,6 отсто).

Кина падна во дефлација во јули 2023 година за прв пат од 2021 година. По краткото закрепнување во август, цените се во постојан пад од септември.

„Мислам дека е премногу рано да се заклучи дека дефлацијата во Кина е завршена“, предупредува економистот Живеи Џанг од „Pinpoint Asset Management“.

Затоа што „ако се спореди просечната инфлација во првите два месеци од годинава со таа од истиот период во 2023 година, цените се стабилни“, подвлекува тој.

Иако падот на цените може да изгледа како добра работа за куповната моќ, дефлацијата е закана за економијата бидејќи потрошувачите имаат тенденција да го одложуваат купувањето во очекување на понатамошни падови на цените.

Поради недостаток на побарувачка, компаниите потоа се принудени да го намалат производството и да се согласат на нови попусти за да го распродадат својот залихи.

Таквата состојба, која ја оптоварува нивната профитабилност, ги турка на отпуштање работници, а економистите зборуваат за „штетна спирала“.

Покрај слабата потрошувачка, економската активност во Кина е под притисок на кризата со недвижности, високата невработеност кај младите и глобалното економско забавување што ја намалува побарувачката за кинески стоки, а со тоа и фабричката активност.

Кина неколку пати најавуваше мерки за спас на својот сектор за недвижнини, но со мал ефект.

„Домашната побарувачка сè уште е прилично слаба“, забележува Живеи Жанг.

Со годишната парламентарна седница во Пекинг оваа недела, економистот забележува дека тоа е можност да се објави „попроактивна фискална политика“, иако „потребно е време да се пренесе фискалниот импулс во економијата и да се помогне домашната побарувачка да закрепне“.

Кина мора да направи повеќе за да го стимулира вработувањето и да го стабилизира пазарот на недвижности – признаа денеска на прес-конференција неколку министри.

Во текот на 2023 година, инфлацијата во Кина се зголеми во просек за 0,2 отсто, многу помалку од стапките во најголемите светски економии.

Целта на Владата за 2024 година е инфлација од три проценти и економски раст од околу пет проценти, што е меѓу најниските во последните неколку децении и е одраз на борбата на економијата да заживее по годините на пандемијата на Ковид.

Индексот на цените на производителите (PPI) повторно се намали во февруари (-2,7 отсто), а опаѓа веќе 17-ти месец по ред, беше објавено во саботата.

Тој индекс, кој ја мери цената на стоките кои ги напуштаат фабриките и дава преглед на здравјето на економијата, падна за 2,5 отсто во јануари, а за три отсто во 2023 година. Производните цени во црвено значат намалување на профитот на производителите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП