Еден од некогаш водечките производители на мобилни телефони со „Android“ – „LG“, официјално се повлекува од пазарот на паметни телефони по 15 години работење.
Ова е последна шанса за постојните корисници да ги ажурираат своите уреди, иако им се советува да размислат за купување нов телефон, бидејќи наскоро би можеле да се соочат со безбедносни закани.
„LG“, кој некогаш беше трет најпродаван бренд за мобилни телефони во светот, го објави затворањето на својата мобилна дивизија уште во 2021-ва година поради слабата продажба. Сепак, продолжи да обезбедува ажурирања на софтверот за своите најнови модели. Поддршката за ажурирања на уредите сега трајно заврши од 1-ви јули, означувајќи го крајот на мобилната ера на „LG“.
Последниот модел што го издаде „LG“ беше „LG Wing 5G“, познат по својот необичен дизајн со два екрани, од кои едниот ротира. Почнувајќи од 30-ти јуни, ажурирањата на софтверот за „Android“ за „LG“ телефоните повеќе нема да бидат достапни, што значи дека хакерите би можеле да ги искористат ранливостите што повеќе нема да бидат поправени.
„Сакаме да ја изразиме нашата искрена благодарност до сите клиенти кои ги сакаа и поддржуваа мобилните производи на ‘LG Electronics’“, се вели во официјалното соопштение на компанијата.
„По истекот на рокот, повеќе нема да можете да ги користите услугите за ажурирање на софтверот. Исто така, бидејќи повеќе нема да нудиме ажурирања на апликациите, нема да можете повторно да ги преземате фабричките апликации што беа избришани по ресетирањето на уредот“, додаваат од компанијата.
Одлуката, исто така, го означува крајот на софтверот „LG Bridge“ за компјутери, кој се користеше за ажурирање на мобилните уреди преку компјутер, објавува „The Sun“.