7 мај, 2024
ПочетнаСВЕТРечиси една третина од Германците се психички болни

Речиси една третина од Германците се психички болни

Менталните болести како депресија или фобии мачат сè поголем број луѓе во светот. Во Германија е погодена третина од населението, во САД, Турција или Мексико уште повеќе. А таа бројка се зголемува, стои во Mental Health Report.

Во моментов, 31 процент од населението во Германија е погодено од психички болести. Има исто толку многу погодени во Кина и Тајланд. Во САД, дури 40 отсто од населението страда од психички болести како депресија, анксиозност или нарушувања во исхраната. Ова е резултат од репрезентативното истражување на меѓународниот институт за истражување на јавното мислење Ипсос.

Истражувањето го нарача германската осигурителна компанија AXA, а резултатите беа објавени во Mental Health Reportu 2024.

Студијата опфатила 1.000 луѓе од секоја од 16 земји во Европа, Азија и Северна Америка за нивното ментално здравје. Споредено со 2023 година, забележливо е дека во повеќето земји состојбата се влошила во 2024 година. Во Франција, Ирска и Мексико бројот на лица со ментални болести се зголемил за шест до седум проценти. Во Турција дури за осум отсто. Само на Филипините во 2024 година има помалку пациенти отколку една година порано.

Покрај тоа, се чини дека менталното здравје е генерациски проблем. Особено често, младите на возраст од 18 до 34 години велат дека страдаат од некоја психичка болест. Во Ирска, Турција и САД првенствено се погодени младите на возраст од 18 до 24 години. Меѓутоа, во возрасната група од 25 до 34 години, САД и Турција водат по бројот на психички болни лица.

Според овој извештај, 43 отсто од сите испитаници на возраст од 18 до 24 години изјавиле дека се психички болни. Најчести болести се депресијата, од која страдаат 22 отсто од испитаниците, а потоа анксиозноста, фобиите или посттрауматското стресно растројство, од кое страдаат 22 отсто од испитаниците.

Колку се постари испитаниците, толку поретки се менталните болести. Само 14 отсто од испитаниците на возраст од 65 до 75 години изјавиле дека страдаат од некое психолошко нарушување, како депресија, фобии и слично.

Но, постојат разлики не само во однос на возраста, туку и во однос на полот. Жените пријавуваат дека се психички болни почесто од мажите. Ова се однесува на сите 16 земји во кои е спроведено истражувањето. И овде, помладите жени се почесто погодени од постарите жени.

Истражувањето објаснува и како интервјуираните лица доаѓаат до знаењето што го наведуваат. Во Германија, огромното мнозинство (57 проценти) добиле дијагноза од психолог или психијатар. Околу 17 отсто добиле ваква дијагноза од својот општ лекар.

Бројот на Германци кои со сопствено истражување, да речеме преку интернет, дошле до заклучок дека се ментално болни, изнесува 16 отсто. Во другите земји овој процент е значително поголем. На Филипините 60 отсто од испитаниците дошле до заклучок за нивната психичка болест, во Турција 36 отсто.

Ова истражување јасно покажува колку е важна стручната помош во случај на психичка болест. Мнозинството од испитаниците во Германија (57 проценти) велат дека благодарение на стручната помош успешно се опоравиле од болеста.

Но, дури и во Германија четвртина од испитаниците (24 проценти) не прифаќаат професионален третман од психолози или психијатри. Само во Јапонија повеќе луѓе (25 проценти) не прифаќаат стручна помош во случај на психичка болест.

Според Германското здружение за психијатрија и психотерапија, психосоматика и третман на нервни заболувања (DGPPN), „психичките болести во Германија се меѓу четирите најважни причини за губење на здрави години од животот. Покрај тоа, луѓето со психички болести живеат во просек десет години помалку од остатокот од населението“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП