28 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАМолете се да не ви се расипе автомобилот на улица – шлеп-службите...

Молете се да не ви се расипе автомобилот на улица – шлеп-службите ги зголемија цените на услугите

Во последните месеци, освен поскапувањето на секое поле, граѓаните на Скопје реагираат и на тоа што значитечно поскапеа шлеп-услугите.

Додека до лани овие услуги чинеа 800 денари за територијата на главниот град, сега истата таа услуга со истата шлеп-служба чини најмалку 1.200 денари.

Оваа зголемена цена предизвика недоволство и недоразбирање кај граѓаните, кои се соочуваат со неочекувано поголеми трошоци.

Сопственик на шлеп-служба од скопската населба Сарај во разговор за Денар објаснува дека поскапувањето на услугите е резултат на неколку фактори.

„Општата скапотија, инфлацијата, зголемените давачки и растењето на цените на горивото и електричната енергија се дел од причините кои доведоа до оваа промена“, изјави нашиот соговорник.

Тој додаде дека шлеп-службите се приморани да ги приспособат своите цени за да останат рентабилни и да продолжат да функционираат.

Скопјанецот Марко Петров вели дека не можел да поверува колкава сума побарала компанијата што ја ангажирал за да го пренесе неговиот автомобил од точка А во Скопје до точка Б.

„Пред некој ден ми се расипа автомобилот во скопски Аеродром, и морав да повикам шлеп-служба за да го пренесе возилото до сервисот во Карпош. За услугата платив 1.200 денари, иако лани за слична ситуација одвоив само 800 денари. Ова е значително поскапување. Што е многу, многу е“, ни изјави Петров.

Граѓаните изразуваат недоволство и се надеваат дека оваа ситуација ќе биде разгледана и решена во најскоро време.

Шлеп-службите се повикани да обезбедат јасни објаснувања за зголемените цени и да ги заштитат интересите на граѓаните кои се зависни од нивните услуги.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП