„Воведувањето на приватни фондови за здравство може да им обезбеди на граѓаните поголем избор и побрз пристап до здравствени услуги, што може да резултира во подобро задоволство кај пациентите. Ваквата реформа веројатно донекаде ќе ублажи одредени ефекти од постапките на ФЗО произлезени од неговата монополска позиција“, смета Драган Даниловски, кој во интервју за МКД.мк вели дека реформирањето на системот на здравствено осигурување аналогно на пензискиот фонд би довело до низа позитивни ефекти за граѓаните.
„Конкуренцијата може да го стимулира подобрувањето на квалитетот на услугите. Здравствените установи би биле приморани да бидат поефикасни и да нудат подобри услуги за да ги задржат своите клиенти. Конкуренцијата може да ги поттикне здравствените установи да менаџираат со своите средства поефикасно. За да бидат конкурентни, можеби би биле во потрага по начини да ги намалат трошоците и да ги оптимизираат операциите“, појаснува Даниловски.

