Јоаким Лев го продолжи договорот со Германската фудбалска федерација како национален селектор за уште две години до 2016-та година. Така тој ќе остане на чело на Бундестимот до крајот на Европското првенство во Франција.
Искусниот стратег во националниот тим е од 2004-та година. Во првите две години беше помошник на Јирген Клинсман. По повлекувањето на легендарниот напаѓач во 2006-та година, тој застана на чело на Бундестимот.
Под негово раководство Германија секогаш игра многу силно на големите првенства и секогаш влегува во најдобрата четворка, но сепак за малку не стигна до титулата.
Во 2008-та година Бундестимот играше во финалето на Европското, две години подоцна ја освои бронзата на Светското првенство, а на изминатото Европско играше пак во полуфиналето.
Покрај недостатокот на признанија, Лев целосно го замени составот на Германија и сега тимот повторно е кошмар за противничките селекции. Поради тоа Лев повторно ја доби довербата од раководните лица на Фудбалската федерација на Германија.
Тимот на Лев исто така се задржува. Директорот на националниот тим, Оливер Бироф и тренерот на голманите Андреас Кепке ќе ги продолжат нивните договори. Асистентот Ханзи Флик, сепак ќе стане спортски директор на Германската фудбалска федерација по светското првенство во Бразил.