4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБислимоски: Има потенцијал од 200 до 300 мегавати од домаќинствата што се...

Бислимоски: Има потенцијал од 200 до 300 мегавати од домаќинствата што се греат на електрична енергија да преминат на топлинска

Енергетските инвестиции се од исклучително значење. Кризата во овој сектор укажа колку се потребни. Како резултат на зависноста од увоз на струја, повеќе од 400 милиони евра државата мораше да ги одвои за субвенционирање со цел да се намалат негативните ефекти врз домаќинствата и стопанството. Во интервју за „Слободен печат“, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, вели дека тие пари се потрошени за гаснење пожар, а додадена вредност нема. Според него, со тие средства можеле да се направат гасни електрани.

-Во однос на најавените стратешки инвестиции, во јавноста се крена голема врева и се презентираа разни податоци, голем дел неточни. Факт е дека „Стипион“ и „Митилинеос“ произведената електрична и топлинска енергија имаат обврска да ја даваат на ЕСМ. Притоа, топлинската електрична енергија треба 40 проценти да биде поевтина отколку онаа на топланите во Скопје. Второ, топлинската енергија од „Митилинеос“ ќе оди на централната градска мрежа, а не на малата мрежа во Железара, како што се доведува во заблуда јавноста – истакнува Бислимоски.

Според претседателот на РКЕ, не треба да се плашиме од ново производство на топлинска енергија, туку треба да ја прифатиме.

-Пред сè, во Скопје, каде што има развиена дистрибутивна мрежа имаме голем потенцијал на домаќинства кои би се грееле на топлинска енергија. Сега, во Скопје на топлинска енергија се греат околу 60.000 домаќинства, а на електрична енергија се близу 300.000. Апсолутно, најисплатливо е таму каде што има згради да се направи систем за топлинска енергија. Имаме потенцијал од 200 до 300 мегавати од домаќинствата што се греат на електрична енергија да преминат на топлинска, бидејќи ќе им се понуди поевтина цена за топлинска енергија, најмалку 40 проценти – вели Бислимоски.

Освен што може да донесе заштеди за домаќинствата, приклучувањето на повеќе домови во системот на парно во Скопје ќе помогне да се намали загадувањето. Моментно, согорувањето биомаса, односно загревањето на домовите со дрва, е најголемиот засебен извор на загадување на воздухот во Скопје.

Ова го потврди извештајот од научното истражување на лабораторијата AMBICON.UGD и Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип. Студијата беше објавена во научното списание Environmental Modeling & Assessment.

Во текот на истражувањето, кое што траело цела година, били следено нивото на најситните, ПМ 2.5 честички, во воздухот. На две локации во Скопје, за 32 отсто (Ново Лисиче) и за 33 проценти (Карпош) од загадувањето причината било согорувањето биомаса. Овие вредности се просечни и се однесуваат за целата година, но ако се има предвид дека загревањето со дрва е сезонско, тој обем е уште поголем во зимските месеци, заклучуваат истражувачите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП