Трговијата на Русија со Европската унија продолжува да се намалува, сериозно погодена од ограничувањата наметнати на увозот и извозот поради руската инвазија на Украина, покажуваат неодамнешните податоци на Евростат.
И увозот и извозот значително се намалија под нивото од пред војната. Сезонски прилагодените податоци покажуваат дека уделот на Русија во увозот на ЕУ од трети земји паднал од 9,5% во февруари 2022-ра година на 1,9% во декември 2023-та година, додека уделот на Русија во извозот на ЕУ во земјите кои не се членки на ЕУ се намалил од 3,8% на 1,4% во истиот период .

Во март 2022-ра година, максималниот трговски дефицит со Русија изнесуваше 18,6 милијарди евра, главно поради високите цени на енергетските производи. Овој дефицит паѓа на 0,1 милијарди евра во март 2023-та година и не се менува до декември 2023-та година, кога ќе достигне 0,8 милијарди евра.
Улогата на Русија во увозот од земји кои не се членки на ЕУ се сведува на главните производи – природен гас, нафта, железо, челик и ѓубрива. Тие сочинуваат две третини од вкупниот увоз од Русија како дел од увозот од трети земји во ЕУ во последниот квартал од 2023-та година.
Помеѓу четвртиот квартал од 2021-ва година и четвртиот квартал од 2023-та година, уделот на Русија, исто така, значително падна во однос на увозот на нафта и природен гас. Помалку е изразен падот на вештачките ѓубрива, железото и челикот.

Увозот на нафтени масла од Русија падна од 28% во четвртиот квартал од 2021-ва година на 3% од вкупниот удел на нафтени масла од земјите кои не се членки на ЕУ во четвртиот квартал од 2023-та година. Најголемите увозници на нафтени масла во ЕУ за последниот квартал од минатата година беа САД (16%), Норвешка (11%) и Казахстан (9%).
Значителен е и падот на природниот гас – од 33% во последните три месеци од 2021-ва година на 13% во истиот период од 2023-та. Во четвртиот квартал од 2023-та година најголемите увозници на природен гас во ЕУ од земји надвор од Унијата се САД (22%), Норвешка (21%) и Алжир (18%).