4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – Ако Србија сака прием во СТО мораме да дозволиме промет на ГМО, но забраната за производство останува во сила, вели за Б92 српскиот министер за трговија Расим Љајиќ. Европската комисија во извештајот и порача на Србија дека треба да ги промени законите за генетски модифицираните организми ГМО, за да се приклучи кон Светската трговска организација.

Загреб – Владата на Хрватска донесе одлука за покренување на постапка за продажба на 49 отсто акции на авиокомпанијата Кроација ерлајнс, кои се во сопственост на државата. – За сигурност во понатамошното работење на Кроација ерлајнс треба да се покренат процедури за наоѓање на стратешки партнер – рече ресорниот министер Синиша Дончиќ, на седница на Владата и потенцира дека парите од продажба на акциите нема да одат во државниот буџет, туку на компанијата за нејзин развој.

Загреб – Во хрватскиот Мекдоналдс зголемените приходи од намалените стапки на ДДВ ги искористија за нови инвестиции и отворање на нови работни места. А покрај тоа, ги намалија цените на своите основни производи за 10 до 11 отсто, истакнато е на конференција за новинарите. Владата во почетокот на оваа година го намали ДДВ за угостителството од 25 на 10 отсто, а неодамна хрватскиот министер за финансии Славко Линиќ најави зголемување на 13 отсто.

Љубљана – Словенија потпиша договор за продажба на Хелиос, прва од 15 државни компании кои треба да се приватизираат, во обид да се соберат потребните средства. Конзорциумот главно на државни акционери продаде 73 отсто акции на производителот на бои Хелиос, на австриската компанија Ринг интернешенел холдинг. РИХ се согласи да плати 520 евра по акција, со што вредноста на фабриката за бои од Љубљана е проценета на 145 милиони евра, пишува словенечкиот весник Финанс.

Вашингтон – Американската економија и довербата кај потрошувачите претрпеа сериозна штета поради двонеделната блокада на сојузната влада. Иако пазарите на акции во текот на вчерашното работење зајакнаа, судирите во јануари можат да предизвикаат нови проблеми. Делумниот прекин на работата на американската влада, кој настапи на 1 октомври, може да го намали годишниот стопански раст на САД за 0,5 до 0,6 отсто во четвртиот квартал, оценуваат кредитните агенции Мудис и Стандард и Пурс.

Вашингтон – Американскиот производител на безалкохолни пијалоци Пепсико во третото тромесечје оваа година оствари нето профит од 1,91 милијарда долари. Тоа е за неполн процент повеќе од истиот период лани. Пазарот очекуваше послаби резултати. Интересно е дека компанијата го зголеми профитот благодарение на зголемената продажба на чипсот Фрито леј, кој ја намали послабата продажба на пијалаците на северноамериканскиот пазар.

Сан Франциско – Коцкарскиот потег на Сан Франциско на компанијата Твитер инк да понуди ослободување од данок, повеќекратно се исплатеше. Имено, пред две години, Сан Франциско на компанијата Твитер инк понуди ослободување од данок на платата на тогаш 400 вработени, за да го спречи најавеното преселување на седиштето на компанијата од градот. Меѓутоа, тоа поттикна технолошките компании да го изберат Сан Франциско за своја база и го зајакнаа локалното стопанство, пишува Блумберг. Твитер денес има 2.000 вработени и познавачите на берзанските прилики очекуваат од иницијалната понуда на акциите да соберат милијарда американски долари. Тој потег, се верува ќе создаде уште милионери, работни места и технолошки инвестиции во четвртиот по големина град во Калифорнија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП