19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШпанија очекува рекорден јавен долг

Шпанија очекува рекорден јавен долг

shpanija4

Шпанскиот јавен долг, кој значително се зголеми во последните пет години од економската криза ќе надмине 101 процент од бруто домашниот производ (БДП) за 2015 година, соопшти владата на оваа земја.

Јавниот долг на Шпанија ќе достигне рекордни 101,13 проценти во 2015 година, пред да се намали на 101,09 проценти во 2016 година, се наведува во документот кој шпанската влада го предаде до Европската комисија, пренесува агенцијата Франс прес.

Во рамките на буџетот за 2014 година се очекува раст на јавниот долг на 98,86 проценти наредната година, од очекуваните 94,2 проценти на крајот на 2013 година.

Според правилникот, јавниот дефицит на членките на ЕУ треба да биде под три проценти, а јавниот долг под 60 проценти од БДП. Шпанскиот јавен долг се зголеми од 40,2 проценти во 2008 година, пред почетокот на кризата, на 85,9 проценти во 2012 година.

Конзервативната влада на Маријано Рахој, која покрена низа мерки за да ги пополни државните каси, предвидува дека буџетскиот дефицит во 2015 година ќе се намали на 4,2 проценти од БДП, а во 2016 на 2,8 проценти. Мадрид оваа година очекува дефицит од 6,5 проценти, а во наредната 5,8 проценти од БДП.

Владата верува дека шпанската економија, четвртата по големина во еврозоната, во тековниот квартал излегла од рецесија и дека наредната година ќе оствари раст од 0,7 проценти. За оваа година се предвидува негативен раст од 1,3 проценти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП