3 мај, 2024
ПочетнаСВЕТЈапонски мафијаш се обидел да продаде плутониум, му се заканува доживотен затвор...

Јапонски мафијаш се обидел да продаде плутониум, му се заканува доживотен затвор во Америка

Американските обвинители обвинија наводен член на јапонската мафија за трговија со нуклеарни материјали.

Се вели дека 60-годишниот Такеши Ебисава се обидел да продаде ураниум и плутониум за кои верувал дека ќе бидат префрлени во Иран за да направи нуклеарна бомба.

Ебисава и еден тајландски државјанин претходно беа обвинети за трговија со оружје и дрога во април 2022 година.

Доколку биде прогласен за виновен, на Јапонецот му се заканува доживотен затвор.

Американското Министерство за правда соопшти дека Ебисава и неговите „соработници презентирале примероци од нуклеарен материјал во Тајланд“ на таен агент на американската Агенција за борба против дрога (ДЕА).

Агентот се претставил како дилер на дрога и оружје со врски со ирански генерал.

Тајландските власти ги заплениле нуклеарните примероци, по потекло од Мјанмар, и им ги предале на американските инспектори.

Американската лабораторија потврди дека материјалот содржи ураниум и плутониум.

Обвинителите, исто така, тврдат дека Ебисава се обидел да набави големо количество оружје во име на неодредена бунтовничка група во Мјанмар.

Станува збор за ракети земја-воздух, јуришни и снајперски пушки, митралези, ракети од различен калибар и разновидна тактичка опрема.

„Застрашувачки е да се замислат последиците доколку успеат, а Министерството за правда секогаш ќе бара одговорност од оние кои тргуваат со овој материјал и ја загрозуваат националната безбедност на САД и меѓународната стабилност“, рече помошникот јавен обвинител Метју Г. Алден.

Во февруари 2020 година, Ебисава наводно контактирал со агент на ДЕА во врска со продажбата на нуклеарен материјал.

Според американските обвинители, тој преку шифрирана комуникација објаснил дека ураниумот „не е добар за вашето здравје“.

Во септември истата година, Ебисава испрати е-пошта на таен агент на ДЕА и понуди да продаде 50 тони ураниум и ториум за 6,85 милиони долари.

Обвинителите, исто така, тврдат дека тој испратил фотографии на кои се гледа „темен карпест материјал“ со гајгер шалтер, кој го мери нивото на радијација.

Ебисава е обвинет, меѓу другото, за меѓународна трговија со нуклеарен материјал, трговија со дрога и оружје, како и за перење пари.

Неговиот соучесник во случајот, 61-годишниот Тајланѓанец Сомфоп Сингашири, се соочува со обвиненија за дрога и оружје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП