8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСивата економија има опасност да владее со државата!

Сивата економија има опасност да владее со државата!

Потребни се системски решенија кои ќе бидат од корист на сите компании. Еден од најголемите проблеми на македонската економија и натаму е сивата економија. Според документите на експертите, работите се доста лоши и потребна е поголема посветеност на креаторите на политики и нивен ангажман за надминување на ваквите состојби. Во склоп на владеењето на правото и борбата против корупцијата, сивата економија можеби е третиот најголем предизвик на земјава. Ова е заклучокот на еден од последните состаноци на бизнисмените и експертите во Стопанската комора.

Сивата економија е најголемиот штетник на пазарната конкурентност и негативно се однесува на финансиската кондиција на компаниите кои работат согласно законите. Исто така сивата економија го ограничува економскиот раст на економиите, ги оштетува јавните финансии, како и самиот буџет на државата и социјалните фондови. Ваквите констатации на бизнисмените од најголемото стопанско здружение, е само доказ дека многу е опасно дека се промовира една ментална матрица преку сивата економија која претставува начин на однесување, кој преку феноменот на неказнивост, може да им дозволи на оние од сивата економија да ја превземат во свое владеење и самата држава. Тоа значи дека сивата економија не е само економско прашање, туку е и длабото општествено прашање, предупредуваат од бизнис секторот.

„Штом некое правно лице не ги плаќа своите давачки кон државата автоматски постои нефер пазарен амбиент за работење во земјата. Во таков амбиент, тие кои работат во зоната на сивата економија имаат помали расходи и акумулираат поголема добивка, главно во форма на готовина надвор од платниот промет. Тие на своите клиенти можат да им понудат пониска цена од конкурентите кои работат законски и плаќаат јавни давачки и на тој начин постепено да ги отстранат од пазарот, односно да продаваат по иста цена која заради ниските трошоци поврзани со избегнувањето на јавните давачки, административните бариери и парафискалните давачки ќе овозможи висока профитабилност, односно брз поврат на вложените средства. Затоа, како последица на сето ова, субјектите кои работат во зоната на сивата економија со текот на времето економски зајакнуваат, бидејќи времето работи за нив“, велат од Стопанската комора.

Не само оваа туку и секоја претходна влада е свесна дека постојат огромен број на несовесни бизносмени кои редовно бараат начин како да го избегнат плаќањето на своите обврски кон државата. Надлежните велат дека бараат начин како да се намали работата на црно, но тоа тешко оди, барем според податоците на бизнис секторот.

„Износот на даночните приходи кога би се формализирал цел неформален сектор без никаква промена во даночната политика е еднаков на капиталните расходи во буџетот за годинава. Имено, иако е тешко да се измери неформалната економија согласно одредени проценки изнесува околу 30 проценти од Бруто домашниот производ. БДП за 2023 е проценет за 14, 4 милијарди евра, па така вредноста на сивата економија би изнесувала на 4,3 милијарди евра. Според груби пресметки тоа би значело околу 750 милиони евра годишни приливи по основ на даночни приходи во буџетот. Овие средства се еднакви за автопатските делници на коридорот осум или на коридорот 10 Д, четири клинички центри, или реизградба на сите училишни згради во државата. Со оваа сума може целосно да се покрие целиот буџетски дефицит предвиден во 2023 и да останат уште 100 милиони евра, и тоа значи дека доколку секој си го плаќа данокот, државата нема потреба да се задолжува. “Ова се податоци кои лани ги соопшти Министерот за финансии Фатмир Бесими, поточно во ноември 2023 година.

Експертите јавно упатија прашања до надлежните: Што прави владата во надминување на овој горлив проблем? Дали има политичка волја да се стави крај на работата на црно?

Познавачите на проблематиката додаваат дека прашањата се суштински бидејќи неформалната економија е главна пречка за развој на македонското стопанство.

Лавина од проекти има од сивата економија вели експертот за даночна политика Павле Гацов, но треба сериозен надзор од новинарите и од надлежните, но потребна е и отчетност од сите досегашни активности против ова негативно дејание.

„Ваква лагодност е својствена за македонските политичари, не сакаат да ги фатат за збор, за пишан текст бидејќи ќе ги повикаат ако не на друго на некаква изјава или одговорност во морална смисла. За политичка волја, мислам дека веќе одамна ја нема. Многу работи во македонската економија може да се подобруваат. Ние работиме со системот од 20ти век, немаме модерен систем, зборувам и во буџетска смисла, во известувачка, во финансиска смисла итн. Нашиот буџет работи на кеш принцип, таму ги имате само уплати и исплати, уплатите кон буџетот се приходи, исплатите се трошоци. Но има скриена лавина од обврски кои може да се откријат на сајтот на министерството за финансии. Таму може да се видат обврските на државата кои се кријат за последните две години. Тие во моментов се 800 милиони евра, а тоа не го пишува во буџетот. Втора работа е тоа што државата има и побарувања, тие ги објавува УЈП, секој месец до 10ти, а изнесуваат околу 150 милиони евра. Значи тоа што го имаме како дефицит и додајте ги овие разлики од 650 милиони евра и тоа е моменталната буџетска позиција на македонската држава“, вели Павле Гацов.

Експертите веќе претставија модел со кој би се намалила употребата на кешот при плаќањето и на тој начин би имало резултати во борбата против сивата економија. Една од опциите е и да се оданочи секое вадење на пари од банкоматите и банкарските шалтери. Употребата на платежните картички ја намалува можноста да се манипулира со парите во готовина.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП