Малата инволвираност на жените во општеството, не значи само загуба за самите жени, туку значи загуба за целото општество, порачува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за „Блумберг Адриа“. Согласно спроведена анализа на Светската банка, економиите во регионот на Западен Балкан губат во просек околу 18% од БДП поради помалата вклученост на жените во економијата. За да се подобрат состојбите потребен е холистички пристап во креирање на политики кои ќе го подобрат квантитативното и квалитативното учество на жените во работната сила, а со тоа ќе се придонесе кон економскиот раст и унапредување на животниот стандард, истакнува гувернерката.
Стапката на активност на жените во регионот на Западен Балкан во просек е околу 45%, додека во ЕУ оваа стапка е околу 70%, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска. Кај нас, податоците се слични, со стапката на активност на жените од околу 45-46%, за разлика од стапката на активост кај мажите којашто е околу 65%, што покажува голем јаз од околу 20 п.п. „Не само што жените се помалку активно вклучени на пазарот на трудот, туку и оние кои се вклучени, се помалку застапени во управувачките структури во корпоративниот сектор, во јавниот сектор и слично. Ако ги погледнеме последните податоци објавени од страна на Берзата, учеството на жените во раководните структури, во котираните компании во 2023 година е околу 23%, што е релативно мала бројка“, истакнува гувернерката.


