Алијанса за Албанците сега е обединета и посилна, нема да имаме тројански коњи на ДУИ кои ќе ја уништат партијата. Ова го истакна министерот за здравство Фатмир Меџити на денешниот брифинг со новинарите, по актуелните случувања во неговата партија. Министерот рече дека не планира да поднесува оставка се додека Собранието не одлучи спротивно. Тој вели дека се покажа дека сите во Владата не делеле исти принципи и вредности како него и наместо да работат за доброто на граѓаните политизираат.
„Жалам што се покажа дека не сите имаат иста цел како мене во оваа Влада. Се покажа дека ДУИ преку нивните министри од кои зависат многу работи и решенија, до крај реши да политизира. Реши до крај да оди против интересот на граѓаните, пациентите и здравствените работници, а да го штити својот личен партиски интерес. Ама тоа е разликата меѓу оние како мене кои работат само на решенија и оние кои ги интересира само политика“- изјави Меџити.

