МАКЕДОНИЈА

Италија веќе не е ветената земја, печалбарите размислуваат да се вратат дома

Италија со години беше една од земјите во кои луѓето од Македонија заминуваа по подобра плата и посигурна иднина. Се работеше по фабрики, ресторани, хотели и градежништво, а дел од заработеното се испраќаше дома. Но, сметката полека се менува. Животот станува поскап, кириите голтаат голем дел од платата, а на крајот од месецот остануваат многу помалку пари отколку што очекувале печалбарите.

За оние што немаат сопствен стан, најголемиот товар е сместувањето. На тоа се додаваат струјата, греењето, храната, превозот и другите секојдневни трошоци. Кога сето тоа ќе се собере, дури и плата што во Македонија изгледа солидна може брзо да се потроши.

Еден печалбар од Скопје, кој повеќе од десет години живее во Милано, раскажува дека сериозно размислува да се врати во родната земја. Според неговото искуство, Италија повеќе не нуди таква финансиска сигурност како порано.

„Кризата се чувствува во сите градови во Италија. Храната е скапа, инфлацијата е висока, а стан тешко може да се најде за помалку од 450 до 500 евра. За сметките треба да се издвојат уште 200 до 300 евра, за градски превоз околу 50 евра месечно, а платата е околу 1.300 евра“, раскажува печалбарот.

Економските анализи покажуваат дека проблемот не е само во висината на заработката, туку и во тоа колку од неа останува откако ќе се платат основните потреби. Особено се погодени работниците со пониски примања и семејствата што живеат под кирија.

За македонските граѓани што размислуваат да заминат во Италија, пресметката не завршува со понудената плата. Доколку работодавачот не обезбедува сместување, значителен дел од месечните примања оди само за покрив над глава. Ако работи само еден член од семејството, трошоците стануваат уште потешки за покривање.

Познавачите на пазарот на трудот при проценувањето на исплатливоста на работата во странство ги земаат предвид нето-платата, трошоците за домување, храната и превозот, но и сигурноста на работното место. Висока плата на хартија не значи автоматски и поголема заштеда.

„Полесно им е на оние што живеат семејно и каде што работат двајца или тројца. Но, кога ќе се повлече линија, Италија не е Германија, каде што нашите луѓе заработуваат и по 2.500 евра“, вели печалбарот, споредувајќи ги можностите за заработка.

Сепак, враќањето во Македонија не е едноставна одлука. Тука платите се пониски, а и домашните трошоци за живот претставуваат сериозен товар. За оние што имаат сопствена куќа или стан, пресметката може да биде поинаква, особено ако во странство секој месец плаќаат висока кирија.

Разликата е и во тоа дали печалбарот заминал сам, дали го преселил целото семејство и дали има постојана работа. Некој што веќе купил стан во Италија има сосема поинакви трошоци од работник што секој месец плаќа сместување и испраќа пари во Македонија.

Токму затоа, пред ново заминување или евентуално враќање, сѐ почесто пресудна станува обичната месечна пресметка: колку пари влегуваат во домашниот буџет, колку се трошат и колку навистина остануваат.

За дел од печалбарите, токму последната бројка станува причина повторно да размислуваат за живот дома.

Б.З.М.