Гувернерката Ангеловска Бежоска учествуваше на панел-дискусија на дваесет и второто издание на престижниот Mеѓународен економски самит Ворвик 2024, којшто се одржува на истоимениот универзитет во Обединетото Кралство. На панел-дискусијата на тема „Навигација на монетарната политика: Гледишта од централните банки ширум светот“, покрај гувернерката, учествуваше и гувернерот на централната банка на Хрватска, Борис Вујчиќ, гувернерот на централната банка на Маурициус, Харвеш Кумар Сеголам, поранешната гувернерка на централната банка на Малезија, Нор Шамсија Мод Јунус, како и поранешниот член на Комитетот за монетарна политика на Банката на Англија и истакнат професор Чарлс Гудхарт, а со панел-дискусијата претседаваше шефот на Канцеларијата на „Фајненшел тајмс“ во Франкфурт, Мартин Арнолд. Гувернерката се сретна и со студенти од Универзитетот Ворвик во рамките на настанот „Средби на студенти со лидери“.
„Забрзувањето на конвергенцијата ќе зависи од структурните реформи поврзани со човечкиот капитал, инвестициите и институциите, но и од технолошките, климатските и од геополитичките состојби“, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, говорејќи на панел-дискусијата. Конвергенцијата на македонската економија во последните неколку години заостанува, поради повеќе фактори, на нивото од 40% од доходот во Европската Унија (ЕУ), што е слично со другите економии на Западен Балкан. Под претпоставка дека македонската економија ќе расте со просечна стапка на раст на БДП од 5%, а економијата на ЕУ со стапка од 3%, ќе ни бидат потребни 40 години за да го достигнеме нивото на приходите на ЕУ.


