2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНационалната државна стратегија ќе биде уште еден лист хартија со добри идеи...

Националната државна стратегија ќе биде уште еден лист хартија со добри идеи или последна шанса за подобар живот на граѓаните во Македонија?!

На крајот на својот мандат или 100 дена пред изборите Владата реши да ја објави Националната развојна стратегија на Македонија за следните 20 години. Првата јавна презентација на планот се одржа во Собранието каде освен политичари присуствуваа и претставници на граѓанскиот сектор, академската заедница, дипломати, граѓанските организации и бизнис секторот.

Во документот кој го обезбеди Денар, а кој има за цел да претставува увертира во носењето еден нов правец во водењето на државата стои дека потребно е зајакнување на конкурентноста и развојот на државата преку функционален и иновативен екосистем и континуирано подигнување на вештините, знаењето, вклученоста и отпорноста на граѓаните. Моделите на владеење се отворени, отпорни и цврсти, способни да превенираат и адекватно да реагираат додека во исто време се отчетни, поттикнувајќи напредок за сите општествени групи. Оваа стратегија треба да придонесе социјалната инклузија и подобрените социјални, здравствени и образовни системи обезбедуваат користи за поединците, бизнисите и општеството во целина.

Во Националната развојна стратегија стои дека стратешки точки се конкурентна економија, владеење на правото, безбедно општество, зелена транзиција, локален развој како и културен развој. Потоа економијата мора да биде базирана на знаење, дигитализација и иновации.

Продуцирање на работна сила која ќе ги задоволи потребите за сегашните но и идните планови на стопанството. Како приоритете на економски план се : Модел на економски раст базиран на паметна специјализација и зелена трансформација. Резултати од истражување, развој и иновации како основа за забрзан и зелен економски раст. Воспоставување соработка помеѓу научниот истражувачки сектор и бизнисот. Еко-систем кој поддржува претприемништво и стартапи.

На јавната дебата беше потенцирано дека инклузивноста на Собранието ќе се реализира преку вклученоста во програмските и проектните активности на Стратегијата од аспект на неговата улога како креатор на политики и носител на одлуки, од една страна, но и заедно, во синергија со сите други политички, но и општествени чинители како академската заедница, граѓанското општество, невладините организации, бизнис секторот, младите, единиците на локалната власт и пошироката јавност, односно граѓаните, преку обезбедување на конкретен придонес во градењето на оваа Стратегија.

Ставот на политичките партии е дека вклучувањето на парламентарните политички партии во процесот на креирање на Националната развојна стратегија е особено важно за да се осигура на различните гледишта во финалниот документ, но и да се обезбеди континуитет во имплементирањето на стратегијата. Досега голем број пратеници од партии и од власта и од опозицијата учествуваа на визионерските работилници каде ги дале своите предлози и идеи за идниот развој на државата.

„Координаторите на пратеничките групи и пратениците дадоа целосна поддршка на Националната развојна стратегија, најавија учество во сите делови за кои сметаат дека можат да дадат придонес, како и нивна активна вклученост во експертските дебати со цел системски да се пристапи на овие проблем. Само така, Стратегијата ќе има по сеопфатна визија и граѓански карактер, што е и нејзината основна цел, а Собранието ќе стане на некој начин, и нејзин главен промотор. Националната развојна стратегија (НРС) ќе биде сеопфатен документ за економскиот, социјалниот, еколошкиот и културниот развој на нашата држава во наредните две декади. Идејата на НРС е да обезбеди позитивна средина за национален консензус во земјата, долгорочни развојни приоритети, како и олеснување на политичкиот дијалог за стратешките цели кои треба да ги решат клучните предизвици за државата“, велат креаторите на овој важен документ за државата.

Досега се одржаа над 40 работилници, на кои своите идеи и визии за иднината ги споделија повеќе од 3.000 граѓани од различни категории. Сите граѓани имаат можност да се вклучат и да остават личен печат во креирањето на Националната развојна стратегија. Своите коментари, предлози и идеи на различни теми од клучно значење државата и општеството може да се споделат на интернет платформата на Националната развојна стратегија www.nrs.mk.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП