3 мај, 2024
ПочетнаКАРИЕРАСекој ден превезува патници од Велес за Скопје и вади уште една...

Секој ден превезува патници од Велес за Скопје и вади уште една плата

Во време кога цените на горивото се во пораст, а платите се во пад, многу луѓе бараат начини да ги намалат своите трошоци за превоз.

Екипата на Денар разговараше со велешанец кој работи во Скопје и кој секој ден со своето возило патува на релација Велес-Скопје-Велес.

Но, тој не патува сам, туку превезува и други луѓе кои имаат иста потреба.

„Имам редовни муштерии, мои сограѓани кои работат во Скопје, а на кои повеќе им одговара на работа да одат со автомобил отколку со автобус или со воз. Цената на автобуската карта изнесува 150 денари во еден правец, а исто толку им наплаќам и јас. Предноста е што јас секое утро ги земам од нивниот дом и ги разнесувам до нивното работно место, додека во автобус треба да се качат на автобуска станица која е одалечена од центарот на Велес и да се симнат на главната автобуска станица во Скопје, која исто така е одалечена од нивните работни места. Ако некој работи во населбата Аеродром, јас го оставам и го земам во Аеродром. Ако некој работи во Автокоманда, јас го оставам и го земам во Автокоманда“, раскажува нашиот соговорник.

Тој вели дека има редовни четворица клиенти од кои дневно добива 1.200 денари.

„И така и така јас морам да одам на работа. Но, зошто да патувам сам и да не го делам трошокот со други? Ова е многу исплатливо за мене. На месечно ниво заработувам околу 400 евра само од патниците. На тој начин ем ги покривам трошоците за гориво и за патарина, ем останува некој денар и за мене“, раскажува велешанецот.

Тој не е единствениот кој се занимава со овој вид на превоз. Според неговите информации, има уште неколку велешани кои прават исто така.

Вели дека нема проблеми со законот или со конкуренцијата, бидејќи тој не се регистрирал како таксист, туку само го искористува своето возило за лична употреба.

„Јас не сум таксист, јас само помагам на луѓето да стигнат до својата дестинација. Не сум во конфликт со никого, ниту со другите таксисти, ниту со автобуските превозници. Секој има свој избор и своја потреба. Јас само го правам она што ми одговара и што ми носи дополнителен приход“, заклучува нашиот соговорник.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП