3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнфлацијата ја уништува турската економија, поради високите кирии гувенерката живее со родителите

Инфлацијата ја уништува турската економија, поради високите кирии гувенерката живее со родителите

Турција е под напад на висока инфлација и огромно зголемување на трошоците за домување, толку многу што новата шефица на турската централна банка Хафизе Гаје Еркан повторно мора да живее со своите родители.

Хафизе Гаје Еркан е на чело на централната банка во Турција од јуни.

„Не можевме да најдеме сместување во Истанбул. Тоа е страшно скапо“, вели 44-годишнaтa Еркан во интервју за весникот „Hürriyet“. Дали е можно Истанбул да e поскап од Менхетен, прашува банкарката.

Пред да биде именувана на оваа позиција, таа две децении живеела во САД и работела на менаџерски позиции во неколку големи банки, меѓу кои и „Goldman Sachs“, пишува германски „Spiegel“. Таа исто така беше една од директорите на „Tiffany“.

Во ноември годишната стапка на инфлација во Турција изнесуваше 62 отсто. Во Истанбул за една година кириите пораснале за 77,1 отсто, покажува студијата на Универзитетот „Bahçesehir“. Турската влада неодамна го ограничи зголемувањето на киријата на 25 отсто. Но, тоа дополнително ја влоши ситуацијата: сопствениците на станови сега на секој начин се обидуваат да се ослободат од старите станари, чија кирија не смеат да ја зголемуваат, за да го изнајмат станот на некој друг за многу повисока сума. За да ја спречи инфлацијата, турската централна банка ја зголеми основната каматна стапка по назначувањето на Хафизе Гаја Еркан во јуни за 30 процентни поени, на 40 отсто.

Претседателот Реџеп Тајип Ердоган претходно долго се спротивставуваше на зголемувањето на каматните стапки. Затегнатата монетарна политика почна да има поволен ефект врз потрошувачките цени, но едноцифрена инфлација нема да се постигне пред 2026-та година, изјави Хафизе Гаје Еркан во интервју за весникот „Hürriyet“ во саботата. Таа ги покани странските инвеститори да инвестираат во лирата, пренесува „Bloomberg“.

„Околу ова време следната година, ќе бидеме во поумерена средина во однос на инфлацијата и монетарното ограничување. Ако треба да влезат странски инвеститори, тоа треба да биде сега. Очигледно, ако дојдат подоцна, приносот ќе биде помал“, рече таа за весникот.

Гувернерката вели дека во последните четири недели е зголемена побарувачката на странските инвеститори за државни обврзници, особено оние од САД. Централната банка предвидува дека инфлацијата ќе достигне 65 отсто до крајот на годината, очекува пик од 70 до 75 отсто идниот мај, а до крајот на следната година може да падне на 36 отсто. Економијата на Турција закрепнува, БДП-то порасна за 5,9 отсто во третиот квартал во однос на една година претходно, градежниот сектор порасна за 8,1 отсто, но станбената криза е сè уште огромна, особено во големите градови. Кириите се зголемија за неверојатни 700 проценти за четири години. Поради високите цени на кириите, насилството меѓу станоиздавачите и станарите станува се почесто во Турција: медиумите објавија 11 смртни случаи и 46 повредени, објави „Euronews“. Во првите шест месеци од годинава евидентирани се 47.000 судски барања за иселување и 100.000 тужби за незаконско покачување на закупнината, што е повеќе од двојно повеќе во однос на истиот период лани. Кириите само во изминатата година поскапеа во просек за 121 отсто, а во големите градови како Анкара и Истанбул во тој период пораснаа за цели 188 отсто – покрај инфлацијата, цените се зголемија и поради доаѓањето на луѓе од подрачјата опустошени од земјотресот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП