4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа средината на идниот месец низ нафтоводот Солун – Скопје ќе тече...

На средината на идниот месец низ нафтоводот Солун – Скопје ќе тече дизел гориво!

Се е подготвено повторно да биде функционален нафтовотот Солун – Скопје. Информациите кои пристигнаа до Денар се дека најдоцна за еден месец по цевките на нафтоводот ќе се дистрибуира дизел гориво од Грција за потребите на земјава. При крајот на годинава ќе треба да се направи само едно пробно дистрибуирање за двете страни да бидат сигурни дека работите се целосно под контрола.

Македонските власти имаат обврска да го дополнат Законот за енергетика со кој ќе се определува и цената за користење на нафтоводот, но и останати сегменти во однос на испораката на дизел горивото.

Од грчка страна пак велат дека се подготвени веднаш да почнат со испорака. Регулаторната комисија за енергетика пак, за Денар потврди дека лиценците за работа на грчката компанија и се доделени од како претходно и доставиле целокупна документација.

Со оглед на фактот што низ цевките на гасоводот ќе поминува дизел гориво, а не сурова нафта, ќе се менува основната терминологија, односно наместо нафтовод ќе се вика продуктовод, бидејќи ќе станува збор за дистрибуција на готов производ. Со тоа ќе треба да се менува и името на македонското државно претпријатие од „Нафтовот“ во “Продуктовод,“ ни посочија од државната фирма. Нивните пресметки се дека за да профункционира продуктоводот по пауза од десет години потребни ќе бидат не повеќе од еден месец за да се приспособат сите технички и административни процедури. На годишно ниво капацитетот на продуктоводот изнесува 2,5 милиони тони, но колкава количина ќе се набавува од Грција тоа ќе зависи од интересот на пазарот во Македонија.

„Пред да се пуштат првите количини на дизел гориво ќе мора да се сменат мерните инструменти, бидејќи степенот на калирање, сега се многу попрецизни и ќе и ма многу помал губиток. Со новите протокомери ќе биде попрецизно. Таа количина ќе треба да се царини, се плаќа данок на неа. Инаку, ќе се плаќа користењето на цевката на продуктоводот, државата иома одредено највисока цена, а таа цена треба да биде пониска за да биде компатибилна и конкурентна на пазарот, треба да биде пониска и од железничкиот и од товарниот сообраќај. Доколку има интерес и од трети страни ќе може да го закупат продуктоводот за свои потреби“, велат од НАФТОВОД ДООЕЛ Скопје.

Од грчката компанија Хеленик Петролеум која има 80 отсто од сопствеништвото на продуктоводот очекуваат дека соработката со македонските власти и компании ќе биде на високо ниво. Само за потсетување дека останатите 20 отсто од продуктоводот се во сопственост на Македонија.

Очекувањата од грчка страна се дека многу ќе се користи овој начин на дистрибуција на дизел гориво, бидејќи е многу побрзо и поисплатливо од транспорт со цистерни или пак со возови. И додаваат дека на овој начин не само во Македонија туку и во регионот може да се подигне енергетската стабилност во делот на горивата.

„Тоа е „важен позитивен однос“ со оглед на тоа што е решение за повеќегодишен проблем и дека вложените напори „конечно донеле резултати и треба да се додаде дека има уште работа пред да почне комерцијалната работа на нафтоводот. Има значајни отворени прашања кои верувам дека двете страни ќе ги решат со добра волја. Ќе продолжиме да работиме во оваа насока бидејќи, како што знаете, Хеленик енерџи е стратешки позиционирана на овој пазар, со долгорочен план“, велат од Хеленик.

Лиценцата која Регулаторната комисија за енергетика и ја издаде на грчката фирма Вардакс која е подружница на Хеленик Пертролеум и таа ќе има обврска да дистрибуира дизел гориво во Македонија.

Од регулаотрна велат дека во текот на постапката извршиле увид во докумнетацијата и побарале од Вардакс да достави дополнителни документи меѓу кои и Организациска структура на компанијата. Вардакс до РКЕ ги достави бараните документи со што условите за стекнување на бараната лиценца се исполнија и комисијата донесе одлука за издавање.

„Претпријатието за нафтени цевководи Солун – Скопје ВАРДАКС АД Подружница ВАРДАКС Скопје ги има исполнето пропишаните услови дефинирани со правилникот за издавање на лиценци, по што Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука претпријатието да се стекне со лиценца за вршење на енергетска дејност транспорт на нафтени деривати преку продуктовод – транспорт на дизел“, велат од РКЕ.

Според информациите кои се лиферуваат во јавноста, продуктоводот завршува некаде во околината на скопско Арачиново. Постои план тој да биде надграден и да продолжи кон Србија и Косово со што Македонија би имала корист да наплаќа за дистрибуција на дизел. Во игра е и долгот кој што во молментов земјава го има кон грчаката компанија во висина од околу 25 милиони евра да биде избришан но, само доколку Македонија со свои средства го догради продуктоводот кон двете соседни држави.

Долгот инаку, е резултат на штетниот купопродажен договор за Окта кој го потпиша тогашниот премиер Љупчо Герогиевски. Македонија имаше обврска на годишно ниво да купува од Грција 500 илјади тони мазут, а потребите на Македонија не беа ниту една петтина од тоа што имаа обврска да го набавуваат. Поради неисплатливост грците решија вентилот на нафтоводот да го затворат во 2013 година, а претходно ставија клуч и на скопската рафинерија, а со тоа Окта врши продажба на готови деривати, а не преработка на сурова нафта.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП