13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛесно е да си газда на кафуле, ама оди најди вработени

Лесно е да си газда на кафуле, ама оди најди вработени

Отворањето на кафуле во Скопје може да биде добра инвестиција, но тоа не значи дека нема да ве следат проблеми. Еден од најголемите предизвици за сопствениците на кафулиња и барови е пронаоѓањето на квалификуван и мотивиран персонал, кој ќе ги задоволи потребите на гостите.

Денар разговараше со сопственик на кафуле во ТЦ Лептокарија, кој вели дека најголемиот проблем му е пронаоѓањето на чесни шанкери и келнери, кои навистина сакаат да работат и кои не се плашат од работа.

„Во моето кафуле келнерот добива 1.000 денари дневница, а шанкерот добива 1.200 денари дневница. Но, очигледно, овие пари не им се доволни на младите, па тие се задржуваат на работа само за да си го пополнат периодот пред да заминат на печалба во странство”, вели нашиот соговорник.

Тој додава дека неколкупати му се случило денеска да пријави вработен во кафулето, а утре тој да си даде отказ, па да мора да го одјавува.

„Тоа ми прави големи трошоци, ми предизвикува главоболки и ми троши време. Не можам да си дозволам да работам со половина персонал, бидејќи тоа ќе го намали квалитетот на услугата и задоволството на гостите. А тоа значи и помал приход за мене”, вели сопственикот.

Кристина П., студентка од Битола, која во слободното време работи во кафуле во Дебар Маало, вели дека работата не ѝ е тешка, постојано запознава нови луѓе, но признава дека оваа професија е само привремена.

„Јас работам во кафуле за да си ги покријам трошоците за студирање и живот во Скопје. Не учам факултет и не се трудам да дипломирам за да бидам келнерка целиот мој живот. Сакам да се занимавам со нешто поврзано со мојата струка, која е психологија”, вели Кристина.

Таа додава дека работата во кафуле има и свои предности, како што се флексибилно работно време, можност за добар бакшиш и дружење со колеги и клиенти.

„Но, сепак, тоа не е работа за секого. Треба да си комуникативен, толерантен, брз и секогаш расположен. И да не ти пречи тоа што ќе работиш и за време на викенди и празници, кога другите се забавуваат”, вели Кристина.

Од друга страна, сопствениците на кафулиња се надеваат дека наскоро ќе се подобри ситуацијата на пазарот на труд и дека ќе можат да најдат посветени и одговорни вработени, кои ќе ги ценат својата работа и своите клиенти.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП