2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГарантирани цени ДА, но бизнисот бара и ганатирани цени на суровините!

Гарантирани цени ДА, но бизнисот бара и ганатирани цени на суровините!

Додека граѓаните ги чекаат новите мерки кои власта ги најави за ранливите категории, пензионерите, учениците и останати групи на граѓани, стопанството е во пресметки на штетите предизвикани од мерката „ганартирана цена“. Како произведувачите, така и трговците се жалат на својата финансиска ситуација. Но, властите велат дека мерката дава резултати во однос на намалување на инфлацијата и поради тоа, наместо до 30ти ноември, мерката ќе биде на сила до Нова година. Експертите пак велат дека најдобро за граѓаните ќе биде рокот да не биде познат кога ќе заврши оваа мерка, на тој начин трговците ќе немаат можност да планираат нов ценовен шок за населението.

Од Сојузот на стопански комори велат дека мерката за гарантирана цена е во ред, таа е социјална мерка и помага да се подобри куповната моќ на граѓаните. Но, од ова бизнис здружение сметаат дека за да биде мерката фер за сите треба државата да овозможи и гарантирана цена за набавка на суровините на преработувачкиот сектор, односно мерка и за производителите на храна.

„Прехранбениот сектор со оваа мерка е во тешка состојба. Со тој чекор од цените во август да бидат пониски за 10 проценти буквално се наоѓаме во една специфична состојба каде што секој за себе си ги решава тие проблеми, секој произведувач проценува кои производи ќе ги произведува а кои не, и со постанати модуси и алатки мора едноставно да преживее и да се снајде во целата ситуација. Затоа што суровините влезни, односно цените на суровините не се гарантирани, бараат гарантирани цени а нема гарантирани цени на суровини, затоа велиме за да има гарантирани цени на производи ни требаат гарантирани цени на суровини. Сите сегменти на прехранбената индустрија се во минус, како пекарската, така и месната и млечната индустрија. Секој од нив со посебни проценти имаат загуба во овие месеци на гарантирани цени. И сметаме дека е потребна само волја да се доуредат овие односи“, велат од ССК.

Од Владата пак се на став дека со новото законско решение кое е во завршна фаза на подготовка, а тоа е за фер трговски практики конечно ќе се стави ред во целокупниот ланец на трговија.

„Во законот исто така е наведено процентуално колку може да биде максималниот рабат што маркетите може да го бараат од производителите и доставувачите, кои сега надминуваат над 30-40 % од цената. Со ова решение ќе биде ограничено на 10 % и во склоп на тоа ќе конкурираат меѓу себе синџирите супермаркети, што ќе влијае во намалување на цените“, велат од Владата.

Трговците пак пресметале дека нивната загуба од почетокот на мерката за гарантирани цени се движи од околу 30 отсто. Тие сметаат дека мерката треба да се доработи бидејќи на долг рок велат дека нема да може да опстанат сите компании кои се дел од трговијата на големо и мало.

Експертсдката јавност пак сугерира до владата што подолго да биде на сила мерката за гарантирани цени, и да не биде познат датумот на нејзино завршување, бидејќи тоа е опасност од нов бран на поскапување. Во меѓувреме инфлацијата се намалува платите растат, но граѓаните досега не почувствувале подобрување на својата куповна моќ.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП