28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветската банка: Македонија добро ги спроведува реформите

Светската банка: Македонија добро ги спроведува реформите

banka svetska

Заменик претседателот на Владата Зоран Ставрески, по вчерашните средби во Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, изјави дека состојбата со реформите во Македонија е оценета позитивно, како поповолна од земјите во регионот, а се очекува и подобрување на состојбата во земјите на ЕУ што ќе се одрази позитивно и на Македонија.

„Охрабрувачки за Македонија е што оценките за нашата земја од страна на ММФ и Светската Банка се поповолни во однос на кој било друга земја во регионот. Се поздравува тоа што се оствари како економски раст, како и намалувањето на невработеноста, се разбира со намера и понатаму да има нејзино намалување. За тоа да се случи потребно е да се продолжи со напорите за привлекување на странски инвестиции, но исто така да се овозможи реализација на проекти во делот на инфраструктурата и подобрување на работната сила. Токму за такви проекти разговаравме со Светската банка и имаме ветување од нивна страна дека ќе обезбедат финансиска поддршка во рамките на стратегијата која ја подготвува Светската банка за Македонија, за следниот тригодишен период, ќе има проект за финансирање на реконструкција на патишта и проширување на патни делници во Македонија, и за подобрување на човечките вештини на невработените со цел да може подобро да се снајдат за подоцнежно вработување и за поддршка на иновацискиот фонд“, изјави Ставрески.

Гувернерот на Народната банка Димитар Богов и вицепремиерот Ставревски, по средбите со членовите на извршните одбори на ММФ и на Светската банка и претставниците на овие две организации задолжени за Македонија, рекоа дека оценката во Вашингтон е дека Европа конечно излегува од економските проблеми, и дека тоа ќе има позитивен ефект и врз Македонија.

„Имаме доста средби и ја користиме секоја можност да ги искажеме нашите видувања за македонската економија. Охрабрени сме дека конечно европската економија излегува од рецесија, иако се уште сме претпазливи. И тука доминираат тие тонови, дека има повеќе оптимизам, но со претпазливост. Сето тоа треба поволно да се одрази на одржлив раст на македонската економија“, изјави гувернерот Богов.

Елен Голдстин, директорка на Светската банка за Западен Балкан, рече дека македонските реформи напредуваат добро, и дека мерките кои Банката ги планира за Македонија се за подобро да се искористат спроведените реформи за да се намали невработеноста.

„Македонија напредува сосема добро во посветеноста да се реформира. Има одреден раст и се справува со некои од најважните реформи во поглед на условите за водење бизнис. Но, поради тоа што општата ситуација во Европа не е многу поволна, ефектот од спроведувањето на овие реформи во многу погледи беше намален и затоа јавноста смета дека овие реформи не доведоа до нивото на раст и вработеност кое би сакале да го видиме во Македонија. Гледаме дека со економскиот раст, не секогаш имаше и подобрување на вработеноста, што останува крупно прашање. Затоа најмногу работиме како да ги преточиме спроведените реформи во конкретни инвестиции на терен, кои ќе го зголемат растот и ќе создадат работни места за Македонија. Особено работиме и ја поддржуваме областа на вештини и иновации, да ја направиме македонската работна сила навистина атрактивна за инвеститорите кои доаѓаат, и за домашните инвеститори“, изјави Елен Голдстин за МИА.

На брифингот посветен на источна и централна Европа, Голдстин повтори дека на Балканот доаѓа до скромно подобрување на економскиот раст.

Таа ги поздрави плановите на Србија за спроведување на мерки на штедење и на реформирање на нејзините јавни претпријатија, велејќи дека другите држави од регионот порано ги спровеле овие тешки реформи, и дека тие се неопходни за и Србија да забележи раст.

За Хрватска, претставниците на Светската банка потсетија дека земјата веќе петта година е во рецесија и дека влезот во Европската Унија, колку што нуди можности да се искористи отворениот европски пазар, ќе значи и нови обврски за најновата членка, да се финансираат заедничките европски проекти и тоа во релативно висок износ.

За Босна, Голдстин рече дека политичката блокада во земјата не дозволува да се забележи економски раст и напредок.

Од регионот, претставниците на Светската банка ја истакнаа и Турција како пример на земја која успешно ги спроведува структурните реформи кои се потребни за економски раст.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП