8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОпштините од Полошкиот регион имаат најниска транспарентност во трошењето на буџетот и...

Општините од Полошкиот регион имаат најниска транспарентност во трошењето на буџетот и најмала вклученост на граѓаните при избор на проекти на локално ниво!

Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ, објави ново трето по ред истражување за трансперентноста, отчетноста, вклученоста и правичноста на работењето на локалните самоуправи.

Истражувањето е за 2022 година. Акцентот е ставен на добивање податоци за тоа како се трошат народните пари во општините низ Македонија. Во однос на ланските резултати постои одредено подобрување во однос на отвореноста на Буџетските процеси на општините. Тоа што е подобро од лани е дека осум општини имаат задоволително ниво на отвореност, а нема ниту една општина со нула поени во овој сегмент. Но проблемот е што и лани нема општина што задоволила критериуми за да добие оценка високо ниво на отвореност на Буџетските процеси.

Податоците од истражувањето покажуваат дека најголемиот дел од општините имаат минимална отвореност на буџетскиот процес, што значи – постои недоволна вклученост на граѓаните во процесите, а недостасува и праведност кон јавноста. Резултатите од Анкетата покажуваат дека во 2022 година просечната отвореност на општините во однос на буџетските трошење е на ниво од 35 отсто. Според бараните стандарди една општина мора да има индекс од 61 за да добие оценка задоволително ниво на отвореност. Индикаторот за оценување е на скала од нула до 100.

„Целта на Индексот не е да ги критикуваме општините. Напротив, ние им даваме насока, кои параметри се потребни за да можат да обезбедат соодветно ниво на отвореност на буџетските процеси. Задоволни сме дека по само три години, соработка со општинските администрации гледаме напредок. Иако, сеуште има простор за напредок, бидејќи немаме општина со високо ниво на отвореност, односно 80 поени на индексот. Сепак, според она што го гледаме ако општините продолжат во оваа насока, веќе следната година можеме да очекуваме и такво нешто. Се надеваме дека ќе се направи еден здрав натпревар меѓу општините, и тие ќе се трудат да ги „победат“ останатите во поотворени Буџетски процеси. Драго ни е што немаме повеќе општини со 0 поени, тоа значи дека гласот на јавноста, сепак стигнува до сите“, велат од ЗМАИ.

Доколку некоја општина освои 80 индексни поени тогаш таа локална самоуправа се смета дека е со задоволително ниво на отвореност.

„Вкупно осум општини (Битола – 77.8, Валандово – 75.1, Крива Паланка – 75.0, Делчево – 70.6, Центар – 66.2, Струмица – 65.6, Богданци – 65.6 и Берово – 61.7 имаат задоволително ниво на отвореност. Вкупно 13 општини имаат доволна отвореност на буџетскиот процес (вредност на ИОО меѓу 41 и 60). Најголем број од општините по бројност се општините со минимална отвореност (вкупно 49) на буџетскиот процес (вредност на ИОО меѓу 21 и 40). Недоволно ниво на отвореност имаат дури 11 општини. Сето ова посочува дека најголемиот дел од општините имаат минимална отвореност на општинските буџети кон граѓаните во 2022.“ стои во Анкетата.

Ова истражување е претставено преку три области и тоа, мерење на трснспарентност, односно до која мера на јавноста и е познат буџетскиот процес вклучувајќи ги подготовките на негово носење, потоа усвојување и спроведување во пракса. Втората компонента или вклученоста и правичноста се со цел за да се види колку граѓаните а осбено маргинализираните групи на граѓани се вклучени во буџетските процеси. Кога се вели вклученост се мисли дали и тие даваат свои идеи, ставови и мислења за тоа како ќе се трошат парите од општинската каса. Во однос на отчетноста, се мисли на оценувањсе на резулататите од работата на локалните власти.

„Дури, 62 општини (77% од сите општини) се оценети дека имаат недоволна, додека 12 општини се со минимална вклученост и праведност во нивните буџетски процеси. Гледано по основ на населено место, урбаните и руралните општини се подеднакво рангирани по основ недоволна и минимална вклученост и праведност. Кај повисоките нивоа се забележува дека нема рурална општина со доволна и задоволителна оцена. Притоа, само една општина, општина Делчево, има сеопфатна вклученост и праведност, додека од 7-те општини кои имаат доволна или задоволителна вклученост и праведност, сите се урбани“, се наведува во Анкетата.

Доколку се направи споредба помеѓу региони моиже да се забележи дека сите освен Југоисточниот регион има општини кои се оценети со недоволна вклученост и правичност не поголема од 20. Интересно е тоа што највисоката просечна оценка на вклученост и правичност имаат општините токму од југоистокот и тоа 28. Од друга страна Јопштините од југозападниот регион бележат најслаби резултати. Нивната оценка е под државното ниво. Најниска вклученост и правичност во буџетскиот процес имаат општините во Полошкиот регион. Просечна оценка е седум.

„Тешко е да се одреди на што се должи оваа ниска оценка, односно потребно е подобрување во однос на сите прашања. Така, како целокупен заклучок е дека општините во нашата земја генерално имаат мала интеракција со нивните жители и нивното вклучување во буџетските процеси. 93% од општините не ја објавиле листа на добиени предлози од страна на граѓаните за буџетот за 2022 година на својата веб страна. Ваквиот податок е скоро ист во однос на објавата на иницијативите и проектите кои биле инкорпорирани во буџетот за 2022 година. Имено, само 9% од општините имаат објавено ваков документ. Понатаму, мал е процентот (само 12%) на општините кои го спровеле мерењето на јавното мислење во однос на предлог проектите за буџетот за 2022 година. Голем број на општините немаат пропишани процедури за вклучување на граѓаните во процесот на буџетско планирање (96% од општините), а само 10% од општините имаат родово одговорни индикатори во буџетските програми за 2022 година“, велат од ЗМАИ.

Авторите на ова истражување заклучуваат дека ниското ниво на вклученост на граѓаните во конструирањето на буџетите на општините а потоа и реализација, придонесува до зголемена неефикасност на локалните самоуправи, особено во давањето на јавните услуги.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП