2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЖофре: Новата финансиска помош на ЕУ за Западен Балкан ќе биде исплатена...

Жофре: Новата финансиска помош на ЕУ за Западен Балкан ќе биде исплатена по спроведените реформи

Шефот на Делегацијата на Европската унија (ЕУ) Емануел Жофре, изјави дека шесте милијарди евра, кои Унијата ги одвои за Западен Балкан во својот план за раст, ќе бидат исплатени само на земјите од регионот откако ќе се спроведат реформите.

„Овие шест милијарди евра се состојат од грант од две милијарди евра и заем од четири милијарди евра за следните четири години, а идејата е овие средства да бидат одобрени дури по спроведувањето на сет реформи“, рече тој на Стопанската комора на Србија.

Тој прецизираше дека ќе се работи на реформската агенда за секоја земја од Западен Балкан, која ќе вклучува пред се конкурентност, подобрување на деловното опкружување, а меѓу другото ќе ги вклучи енергетиката и зелената транзиција.

„Како што ќе се спроведат овие реформи, парите ќе бидат уплатени во буџетот на одредена држава, а дел од нив во инвестициската рамка на Западен Балкан за нови инфраструктурни проекти“, рече Жофре.

Тој исто така посочи дека нивото на помош што ќе се постигне со овие дополнителни шест милијарди за Западен Балкан е блиску до интензитетот на помошта што земјите-членки на ЕУ ја добиваат преку различни фондови во ЕУ.

Тој изјави и дека идејата на Планот за раст на Западен Балкан е да се интегрира овој регион на единствениот пазар на ЕУ уште пред самите земји-кандидати да станат членки на ЕУ.

Според него, важно е за граѓаните и стопанството да ги почувствуваат сите придобивки што ги дава единствениот пазар.

Жофре рече дека Планот за раст на Западен Балкан е предлог на Европската комисија чија идеја е да се забрза проширувањето.

„Затоа е неопходно граѓаните и компаниите од Западен Балкан да ги почувствуваат придобивките од членството во ЕУ уште пред формалниот пристап до тој сојуз“, рече тој.

Тој нагласи дека е неопходно да се зајакне економската интеграција на Западен Балкан со единствениот пазар на ЕУ, што треба да се направи во повеќе области, а приоритет е олеснување на движењето на стоки, капитал и работна сила меѓу одделните земји на регионот и ЕУ, поедноставување на процедурите, подобра интеграција на синџирите на снабдување.

„Мора да се скршат бариерите што постојат меѓу земјите од Западен Балкан, бидејќи тие се мали економии кои треба подобро да се интегрираат и постои потенцијал на овој начин да го зголемат својот БДП за 10 проценти“, рече шефот на Делегација на ЕУ.

Тој потсети и дека веќе постои ИПА и економски инвестициски план за периодот од 2021 до 2027 година во вредност од девет милијарди евра грантови кои можат да генерираат вкупен ефект од над 30 милијарди евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП