4 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАФотоволтаиците не раѓаат жито – кому му текна да произведуваме струја на...

Фотоволтаиците не раѓаат жито – кому му текна да произведуваме струја на плодно земјиште?

Земјоделците се противат на градењето на фотоволтаични централи на плодно земјиште, бидејќи сметаат дека тоа е голема штета за земјоделството и за обезбедувањето вистинска храна.

Тие велат дека земјава има доволно неплодно и планинско земјиште кое може да се искористи за производство на обновлива енергија, а не да се жртвуваат најдобрите и најплодните земјоделски површини.

„Жално е да се градат фотоволтаици на плодно земјиште, кога на него може да се произведува храна. Ние сме земјоделци, а не електричари. Ние сакаме да го обработуваме нашето земјиште, а не да го издаваме или да го продаваме за такви проекти. Ние сме против таа политика, која ни го одзема нашето право на земјоделство“, се жали земјоделец од Струмица.

И за експертите не е логично ваквото пренаменување на плодно земјоделско земјиште, во услови кога најголемиот дел од површината на земјава е планински предел, кој е погоден за изградба на каков било енергетски капацитет.

„Земјава има доволно планини каде што постојано пече сонце и каде што дува ветер, па таму може да се градат и фотоволтаици и ветерници. Не е потребно да се користи плодно земјиште за ваква работа, бидејќи тоа е краткорочно решение, кое може да има долгорочни последици за земјоделството во Македонија. Треба да се почитува принципот на одржлив развој, кој значи да се заштитат природните ресурси и да се обезбеди хармонија помеѓу човекот и природата“, советуваат експертите за обновлива енергија.

Но, очигледно, Владата не мисли така.

Неодамна се појави информација дека за стратешките инвестиции ќе го пренаменува најплодното земјоделско земјиште за изградба на хидроцентрали, термоелектрани, нуклеарни електрани, ветерници, концентрациони сончеви електрани, електрани од биогориво и за површински соларни и фотоволтаични електрани.

За таа цел, предложи измени на Законот за земјоделско земјиште, според кои и површините од прва до четврта категорија и пасиштата трајно ќе се пренаменуваат во градежно земјиште за стратешки проекти од енергетиката. Измените деновиве се објавени на националниот систем на прописи, ЕНЕР.

Според предложените измени на членот 51 на Законот за земјоделско земјиште, пренамената на плодното земјиште во градежно треба да биде исклучок, кој ќе биде одобрен од Министерството за земјоделство и по исцрпување на површините од послаба категорија на земјиште.

„По исклучок на овој член, земјоделското земјиште од I до IV катастарска класа може да биде предмет на пренамена доколку урбанистичкиот проект е за планирање на градби за кои со закон е уреден стратешки интерес и пренамената се врши со донесувањето на законот со кој е уреден стратешки интерес“, се наведува во измените.

Во истиот член се менува уште еден став со што се дозволува пренамена на земјиште под пасиште.

„Земјоделското земјиште под култура пасиште може да се пренамени во градежно во постапка пропишана со Законот за урбанистичко планирање или да се користи за неземјоделски цели согласно со членот 51 од овој закон“, се наведува во предложените измени.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП