18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Загреб – Во првите пет дена од објавувањето на огласот за вработување на 22 лица во Хрватска, „Икеа“ примила 900 пријави. Најмногу од апликациите или 256 се однесуваа за раководни позиции на разни одделенија во идната стоковна куќа. Конкурсот за работа во „Икеа“„ трае до 13 октомври оваа година, а вкупно се бараат 22 вработени и тоа во Логистичка Продажба, раководење со деловните процеси, како и во Икеа Храна, Бистрото и Трговијата.

Подгорица – Стопанскиот суд на Црна Гора прогласи банкрот на „Комбинатот за алуминиум – Подгорица“ (КАП), со што продолжи агонијата на оваа некогаш најголема црногорска фабрика. Банкротот официјално е прогласен откако истече рокот за доставување на план за реорганизација на КАП. Програмираниот стечај на КАП е воведен на 8 јули, откако долговите на компанијата достигнаа 460 милиони евра, а со тој чин престанаа надлежностите на дотогашната руска управа.

Љубљана – Аналитичарите на „НЛБ фондовите“ сметаат дека европската помош на Словенија е само прашање на време. Тие наведуваат дека наспроти проблемите, официјална Љубљана не презела речиси никакви реформи освен зголемувањето на даноците кои дополнително го задушат стопанството. Аналитичарите на НЛБ наведуваат дека во 2010 година предупредиле на потребата за структурни реформи, а во јуни оваа година јасно предупредија дека Словенија без итни и решитени мерки ќе биде принудена да побара помош.

Љубљана – Надзорниот одбор на словенечкиот малопродажен ланец „Меркатор“ реши да покрене тужба против поранешната управа на компанијата. Тужбата ќе ја покренат врз основа на проверка на некои трансакции на компанијата од периодот од 2007 до 2011 година, при што досега е утврдена штета од 12 милиони евра. Надзорниот одбор донесе одлука за покренување на тужба врз основа на извештај кој актуелната управа го порачала од адвокатската фирма „Зидар Клеменчиќ“, како и врз основа на претходен извештај на ревизорската куќа ПВЦ.

Љубљана – Централната банка на Словенија ја намали прогнозата за растот на домашното стопанство, најавувајќи подлабока и подолга рецесија од очекуваната. Централната банка на Словенија не ја отфрла можноста за барање на меѓународен пакет помош. Според најновите прогнози на банката, БДП на Словенија ќе опадне оваа година за 2,6 отсто, во споредба со претходната прогноза за пад од 1,9 отсто, додека идната година ќе се намали за 0,7 отсто, наместо претходно прогнозираниот раст од 0,5 отсто.

Берн – Швајцарија и натаму е најбогата земја на планетата, покажа најновото истражување на банката „Креди Свис.“ Наспроти нестабилното економско опкружување, богатството на швајцарските домаќинства е зголемено во периодот од средината на 2012 до средината на 2013 година. Просечниот имот по жител, а се однесува на возрасни лица, во Швајцарија на крајот на јуни оваа година вредел 513.000 долари, што е за 1,6 отсто повеќе од минатата година и речиси 10 пати повеќе од просечната вредност на имотот на светско ниво (51.600 долари).

Лондон/Вашингтон – Низа британски банки прават излезна стратегија во случај САД наскоро да не го зголемат лимитот за задолжување на државата, наведува „Волстрит џурнал“. Весникот пишува дека директорите на големите британски банки потврдиле дека водат неофицијални преговори со регулаторните тела во Велика Британија, за да ги согледаат последиците од можен финансиски колапс на САД, како и во случај на потреба да ги снабдат своите клиенти со доволно количество на американска валута.

Париз – Најголемиот светски производител на челик „Арселор Митал“ ќе инвестира 92 милиони евра во комплетен ремонт на високите печки во својата фабрика во Денкерк во Франција. Работите ќе почнат во втората половина на 2015 година и ќе траат четири месеци. Оваа инвестиција ја потврди намерата на групацијата „Арселор Митал“ на подолг рок да ги засили активностите во Франција, во рамки на стратегијата за развој на овој како и на европскиот пазар генерално.

Киев – Од почетокот на оваа земјоделска година Украина извезе за 16 отсто повеќе житарки во однос на истиот период лани. Според украинскиот министер за земјоделство и храна Николај Прусјажњук, во четвртиот месец од оваа земјоделска година Украина остварила позитивна динамика на пласманот на домашното жито и до сега извезла 6,8 милиони тони жито.

Вашингтон – Светската банка планира преку реформи во следните три години да заштеди 400 милиони долари. – Се планира заштеда на 400 милиони долари во период од три години, од вкупно 500 милијарди долари колку што е годишно потребно за функционирање на СБ и нејзините пет ограноци, изјави анонимен извор во Банката. На прашањето дали новата стратегија ќе доведе до намалување на бројот на работните места, изворот наведе дека Банката бара начини да ги минимализира отказите. Во Светската банка моментно се вработени околу 10.000 работници во над 120 земји.

Москва – Руската служба за ветеринарна контрола – Росељхознадзор, ја предупреди Холандија дека резултатите од проверката на млечните производи со потекло од оваа земја не се задоволителни. По заострувањето на односите со Холандија поради апсењето на припадник на невладината организација „Гринпис“ во Русија и задржувањето на руски дипломат во Холандија, сега на удар на Русија се најдоа и холандското млеко и цвеќе.

Париз – Францускиот производител на автомобили „Рено“ ја отвори втората фаза на својата гигантска фабрика во Танжер во Мароко, во која ќе се произведуваат евтини модели на автомобили. Преселувањето на производството во Африка предизвика негодување во Франција. Отворениот втор дел од фабриката за автомобилите „Дачија Сандеро“ и ќе му овозможи на францускиот производител двојно да го зголеми производството во 2014 година на 340.000 возила годишно. Фабриката на „Рено“ во Танжер е најголема фабрика од тој вид во Африка. „Рено“ гради фабрика и во Оран во Алжир, но таа е че биде многу помала, со годишен капацитет од 75.000 возила, наменети за домашниот пазар.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП