7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКуповната (не)моќ на граѓаните доволна за да се преживее!?

Куповната (не)моќ на граѓаните доволна за да се преживее!?

Личната потрошувачка на граѓаните и натаму е главна тема во јавноста. На месечно ниво статистички инфлацијата се намалува но куповната моќ на граѓаните никако да се подобри, барем такви се најголемиот дел од реакции.

Властите сметаат дека актуелните мерки даваат резултати, експерите баш и не се согласуваат со тоа, а пак за домаќинствата главниот виновник за скапотијата е токму владата.

Што се однесува до меѓународните институции, тиа се поскептични од домашните. Во ситуација кога Народната банка очекува и натаму да се намалува инфлацијата со некое забавено темпо, од Светска банка прогнозираат дека таа на крајот на годинава ќе достигне и над девет отсто.

Замрзнатите цени даваат резултати, убедени се од владата. Куповната моќ благодарение на владините мерки се подобрува и сега на Илинденска број два се размислува за продолжување на мерката но и со забрзано темпо да се донесат нови подобри правила во трговијата на големо и мало.

Од Министерството за економија велат дека граѓаните овие информации ќе ги знаат кон средината на идниот месец.

„Доколку оцениме дека мерките треба да продолжат да важат, ќе важат минимум до крајот на годинава. Новите антикризни мерки при крајот на месецов траба да се усвојат на Влада. За законот за нефер трговија деновиве ќе имаме дополнителна консултација за сите забелешки што ги добивме и од страна на трговците и од страна на другите чинители. Во моментот кога ќе биде готова драфт верзијата ќе ја пратиме во Влада, а потоа и во Собранието. Законот ќе се носи со европско знаме бидејќи се трнспонираат повеќе директиви од Европската комисија. Имајќи ги во предвид процедурите би требало да биде усвоен во текот на наредниот месец заради тоа што мислам дека е поддржан и од опозицијата, бидејќи е законско решение кое оди во прилог на потрошувачите и граѓаните.“

Што се однесува пак до перцепцијата на граѓаните, најголемиот дел од нив се убедени дека за високата инфлација во земјава виновна е владата. Најновото истражување на невладиниот сектор покажува дека над 80 отсто од граѓаните сметаат дека токму владата не постапила навремено со носење на политики кои ќе го зачува стандардот на домаќинствата.

Високите цени на храната, поскапите енергенски и зголемувањето на трошоците за подмирување на режиските трошоци најмногу ги погодило домаќинствата. Загрижува фактот што гражаните не очекуваат состојбите да се подобрат следната година, туку дополително да се влошат. Можеби мал оптимизам дава Народната банка од каде очекуваат состојбите полека да се нормализираат.

„Инфлацијата во домашната економија и натаму забавува кај сите нејзини компоненти, и тоа посилно во однос на забавувањето на просечната инфлација во ЕУ, со што и јазот помеѓу стапката на инфлација кај нас и во еврозоната се стесни од 9 п.п. минатата година на околу 2 п.п. Сепак, новото глобално окружување и натаму е придружено од многу предизвици за нашата мала и отворена економија, што наметнува потреба од внимателност на макроекономските политики и спремност за натамошно соодветно приспособување заради ценовната стабилност, којашто е и предуслов за одржлив раст“, велат од Народната банка.

Веќе подолг период експертите апелираат дека мерките на владата мора да бидат подолгорочни. Со едномесечни или квартали мерки„пожарот само се локализира“ а не се постигнува долготраен ефект која вистински ќе се исправи пред инфлаторната криза. Економистите напоменуваат дека потребно е да се продолжи со мерките бидејќи ако остане само до 30-ти ноември актуелната мерка за ограничување на цените тогаш тоа би можело да биде контрапродуктивно.

Наспроти очекувањата на македонските власти дека инфлацијата во земјава ќе падне на пет отсто на крајот на годинава, од Светска банка веќе излегоа со прогноза дека граѓаните на Македонија нема така лесно да се извлечат од ценовните шокови. Нивната прогноза е дека инфлацијата на крајот на годинава ќе надмине девет отсто. Економистите веќе предупредија дека вториот удар на оваа инфлаторна криза може да биде далеку посилен од оној кој го претрпевме изминатиов период.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП