Кога свитокот поминал скоро 2.000 години закопан под купиштата вулканска пепел од планината Везув, доста е тешко да се отвори, а камоли да се прочита. Сепак, вештачката интелигенција(AI) најде начин.
Имено, научниците од Универзитетот во Кентаки во САД во март лансираа уникатен предизвик (Vesuvius Challenge). Тие објавија илјадници рендгенски снимки од јагленисани, карбонизирани свитоци од Херкуланеум, заедно со необучен софтвер за вештачка интелигенција за нивно дешифрирање. Кој ќе дешифрира повеќе пасуси ќе ја добие главната награда.
И некој ги направи првите чекори – го дешифрираше зборот. Односно, двајца студенти го постигнале тоа во исто време: Лук Фаритор, студент по компјутерски науки на Универзитетот во Небраска-Линколн и Јусеф Надер, студент по биороботика на Слободниот универзитет во Берлин во Германија. Затоа и двајцата ќе добијат први награди во предизвикот, пишува Science Alert.
Што дешифрираа?
И Фаритор и Надер независно го идентификуваа зборот „πορφυρας“ (порфирас), што значи „виолетова“. Тоа е првиот целосен збор што е декодиран од скрипти со помош на AI софтвер. Виолетовата боја играла значајна улога во антички Рим, често претставувајки богатство и статус.
Експертите веруваат дека овој збор во свитокот би можел да се однесува на наметки или ранг, иако потврдата ќе бара дополнителна анализа. Вештачката интелигенција, со соодветна обука, може да забележи многу мали варијации во текстурата на Х-зраците, откривајќи потези на мастило кои се невидливи за човечкото око. Затоа, научниците се надеваат дека наскоро ќе следат понатамошни откритија.
Главната награда е 700.000 долари
Главната награда за Vesuvius Challenge е 700.000 долари и оди кај оној што ќе дешифрира четири или повеќе пасуси од еден од овие свитоци. Ако сакате сами да го пробате, еве ви линк до споменатиот предизвик. Везув еруптирал во 79 н.е., а градот исчезнал заедно со Помпеја. Свитоците биле пронајдени во 18 век кога работниците наишле на остатоци од луксузна вила која можеби му припаѓала на свекорот на Јулиј Цезар.
За жал, многу малку такви антички текстови се сочувани. Доколку овие свитоци би можеле да се читаат без да се отворат (тогаш веројатно би се претвориле во прашина), би можеле да отклучиме непроценливо богатство на информации за животот и учењата пред 2.000 години.