3 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАСе зголемува бројот на граѓани кои имаат само еден оброк на ден!

Се зголемува бројот на граѓани кои имаат само еден оброк на ден!

Денешниот ден или 16-ти октомври во светот се одбележува како ден на гладта. Денешниот ден не само што е посветен на гладните луѓе, туку и на големиот број на манифестции и хуманитарни организации преку кои треба да им се помогне барем на дел на оние луѓе кои неможат да си обезбедат оброк во текот на денот.

И покрај то што граѓанските организации, невладиниот сектор, владите во државите редовно, преку целата година преку проекти, мерки и разни настани за ранливите категории на граѓани се обидуваат да ги намалат бројките со негативни податоци за состојбата со гладта, резултатите и натаму се застрашувачки. Милиони граѓани ширум светот имаат само еден оброк на ден, илјадници луѓе умираат токму поради глад. Од друга страна на депониите огромни се количините на храна кои се фрлаат на дневна основа.

„Заедно против гладта“ е хуманитарната акција која од денеска започнува во Скопје, а има за цел да се помогне на најранливите, на граѓаните кои немаат што да јадат. Денешниот ден е посветен на семејствата кои едвај имаат еден оброк на ден, ова е ден на гладните деца, и на семејствата кои легнуваат и стануваат гладни бидејќи немаат што да јадат. На територија низ главниот град веќе има поставено 11 собирни пунктови, каде граѓаните, компаниите, организациите, со еден збор сите оние кои можат и сакаат да помогнат да достават храна и хигиенски средства за оние граѓани на кои им е најпотребно. Локациите се на видливи и препознатливи локации како пред големите маркети или трговски центри каде што граѓаните најчесто пазарат или поминуваат дел од нивното слободно време.

„Понеделник, ден кој за некој е работен, за некој неработен. Ден кој можеме да го искористиме и да го испoлниме со хуманост. Велат, како ќе ти тргне понеделник така ќе ти биде цела недела овој пат овој понеделник нека ви биде хуман понеделник исполнет со хуманост. Искористете ја паузата за да донирате, донирајте откако ќе завршите со работа, донирајте со семејството заедно, донирајте и помислете на оние кои немаат и кои чекаат на вашата помош и подршка. Ве покануваме индивидуалци и фирми, да земете учество и ЗАЕДНО ПРОТИВ ГЛАДОТ да купиме храна и донираме на некој од нашите 11 пунктови со цел да помогнеме во искоренувањето на гладот во Македонија. Да станеме учесници во борбата која секојдневно станува се понерамномерна и да помогнеме без да размислуваме. Да ги поканиме и нашите роднини, пријатели, работодавци…и да земете активно учество во оваа акција а со тоа ќе помогнете на многу семејства кои нажалост секој ден бројката е голема и се поголема“, велат од хуманитарната организација “Свети Спас”

Актуелните кризи кои никако да завршат во последниве неколку години го зголемија бројот на домаќинства кои едвај крпат крај со крај. Проблемот со зголемувањето на цените на храната драстично ја влоши ситуацијата кај семејствата со ниски примања а особено кај примателите на социјалната помош.

Што се однесува на глобално ниво, проценките се дека речиси една милијарда луѓе секојдневно гладуваат. Податоците на Обединетиоте нации покажуваат дека страдањата од глад полека но сигурно стануваат проблем број еден по здравјето на човештвото. Овие податоци во континуитет се зголемуваат и сега очекувањата на ОН се дека во периодот што следи во над 80 држави проблеми со гладта ќе имаат околу 50 милиони нови граѓани кои ќе бидат погодени од кризата, од климатските промени од високите цени на енергенските и поради скапата и недостапна храна. Информациите кои ги објавија ОН покажуваат дека секоја година околу 600 илјади луѓе во светот сериозно се разболуваат токму поради несигурната храна која што ја јадат, од нив дури 420 илјади лица го губат животот. Во просек тоа се 25 илјади лица кои умираат на ден поради недостаток или непроверена храна.

Од друга страна пак, во Македонија и натаму на големо се фрлаат огромни количини на храна, а тие може да завршат во домовите каде е најпотребно. Извештајот за индексот на фрлена храна при ОН покажува дека Македонија е на осмото место во светот по количината на фрлена храна во однос на бројот на жители. Во анализата стои дека секој поединец во земјава годишно фрла над 80 килограми храна, а пак дури 30 отсто од произведената храна во државата или пак онаа која е увезена од странство никогаш не била консумирана. ОН објави податоци и на глобално ниво, податоците велат дека на годишно ниво една милијарда тони храна завршува во отпад. Дури една третина од произведената храна во светот се фрла во ѓубре. Информациите велат дека околу 60 отсто од храната ја фрлаат домаќинствата, нешто да 20 отсто се рестораните и останатите проценти припаѓаат на маркетите. Проценките велат дека храната која секојдневно се фрла е доволна да ги нахрани сите гладни луѓе ширум светот.

Граѓаните од земјава се уште го чекаат новиот деветти пакет мерки на државна помош за справувањње со кризата. Владата го најави како пакет мерки за ранливите категории на граѓани, но конкретни информации што ќе содржи тој пакет и за колку граѓани ќе биде наменет засега нема. Во меѓувреме во Скопје и во други градови се уште има јавни кујни каде се дели бесплатен оброк на бездомници и на граѓани кои не можат да си обезбедат оброк во текот на денот. Црвениот крст и Банките за храна успеваат да решат само дел од проблемите со кои се справуваат граѓаните кои имаат само една желба во денот, а тоа е да најдат парче леб за своите најмили и за себе.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП