2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Здраво, јас сум доктор на науки и работам како келнер во кафуле“...

„Здраво, јас сум доктор на науки и работам како келнер во кафуле“ – земјава си има сериозен проблем со балансот на пазарот на трудот

Македонија се соочува со разнишан баланс на пазарот на трудот, бидејќи има премногу работници со високо образование и премалку работници со ниско образование.

Ова во голема мера го отежнува процесот на вработување во компаниите од различни сектори, како што се машинската индустрија, електрониката, прехранбената индустрија, хемиската индустрија, туризмот и угостителството.

Ова се покажува и во анализата на институтот „Фајненс тинк“, кој ги истражува трендовите на пазарот на трудот во Македонија и во Србија.

Според студијата, во земјава има преголем број на работници од образовниот сектор, каде што конкуренцијата е огромна и чекаат до 70 кандидати за едно работно место. Наспроти тоа, има сериозен недостиг на работници од услужните и основните занимања.

Истражувачите од „Фајненс тинк“ додаваат дека регионалната интеграција може да биде решение за овој проблем, бидејќи ќе овозможи поголема мобилност на работната сила и повеќе можности за работниците со високо образование. Исто така, ќе ги зголеми вештините и квалификациите на пазарот на трудот.

Анализата ги споредува и платите во Македонија и Србија, кои се еден од факторите за миграцијата на работниците.

Според податоците, разликата во платите меѓу двете земји е мала и не стимулира значителна мобилност. Но, тоа може да се промени за некои сезонски и циклични сектори, каде што платите можат значително да варираат.

Ова може да предизвика посериозен недостиг од работници со ниско образование во Македонија – укажуваат од Институтот.

Затоа, тие препорачуваат да се направат реформи во домашната економија, кои ќе го намалат небалансот на пазарот на трудот и ќе ги задоволат потребите на компаниите.

Тие предлагаат да се адаптираат политиките за вработување и образование, со цел да се намали бројот на работници во суфицитарните занимања и да се поттикне образованието и обуката за дефицитарните занимања.

Слободното движење на работниците е една од предностите на регионалната економска интеграција, која овозможува работниците да се преселат во други земји во потрага по подобри услови за работа.

Според статистиките, околу 162 милиони луѓе се иселиле од својата земја поради работни причини, а овој број се очекува да расте, поради разликите во платите, стареењето на населението и технолошкиот напредок, кој им овозможува на иселениците да останат во контакт со своите семејства – заклучуваат од „Фајненс тинк“.

Економистите со коишто разговараше Денар, пак, велат дека потребно е да се направат сериозни реформи во образованието и да се поддржат новите индустрии кои нудат подобри услови за работа.

„Во Македонија има голема разлика помеѓу тоа што стопанството сака и тоа што образованието дава. Треба да се промени образовниот систем и да се охрабрува развојот на модерни индустрии каде што се нудат повисоки плати кои ќе ги задоволат младите“, коментираат експертите.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП