7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – Од 2014 година во Србија ќе биде воведен данок од 20 или 25 отсто на сите плати во јавниот сектор кои се поголеми од 60.000 динари (525 евра), најави министерот за финансии Лазар Крстиќ. Платите до 100.000 динари (875 евра) ќе се оданочуваат со 20 отсто, а повисоките од 100.000 динари со 25 отсто.

Подгорица – Стечајниот управник на „Комбинатот за алуминиум – Подгорица“ (КАП), Веселин Перишиќ прифати 1.345 пријави за побарувања на доверителите во вкупна вредност од 359,2 милиони евра. Тој оспори 845 пријави со вкупно 100,33 милиони евра побарувања. Стечајниот судија Драган Ракочевиќ во Стопанскиот суд објасни дека доверителите на КАП, на кои им се оспорени побарувањата, ќе имаат право да ги докажат во парнична постапка, откако ќе поднесат тужба.

Загреб – Хрватското Министерство за поморство, сообраќај и инфраструктура објави конкурс за давање под концесија на автопатиштата во Хрватска. Проценетата вредност на концесијата е 22,5 милијарди куни (три милијарди евра), а крајниот рок за доставување на понудите е 15 ноември. Критериумот за избор на понудата е највисокиот понуден надомест за концесијата. Издавач на концесијата е хрватската Влада.

Загреб – Хрватската држава нивото на својата задолженост на странските пазари ја објави во април и оваа година повеќе нема задолжувања, изјави хрватскиот министер за финансии Славко Линиќ. Според него, Хрватска до крајот на годината ќе се финансира од домашниот пазар.

Њујорк – Од почетокот на светската финансиска криза американскиот бизнисмен Ворен Бафет заработил околу 10 милијарди долари од инвестиции во големи компании. Се проценува дека таа сума ќе продолжи да расте. Бафет се наоѓа на четврто место на листата на „Форбс“ на најбогатите луѓе. Како што објави „Волстрит џурнал“, Бафет кој го контролира холдингот „Беркшир Хатавеј“, оствари 680 милиони долари нето профит откако го врати долг од 4,4 милијарди доларина американската прехранбена компанија „Марс“, откако ја презема нејзината фирма „Ригли“. Бафер во „Ригли“ вложил вкупно 6,5 милијарди долари.

Сан Франциско – Поранешниот американски претседател Џими Картер оцени дека јазот во приходите меѓу богатите и сиромашните во САД драматично е зголемен во текот на изминатите 30 години. – Средната класа стана налик на сиромашните луѓе од пред 30 години. Значи, јас не мислам дека состојбата се подобрува, наведе тој. Картер оцени дека неодамнешната економска криза покажала економска несигурност дури и кај семејства кои живеат во богатите региони како Сан Франциско.

Лондон – Лондонската берза на метали (ЛМЕ) не планира да го пресели своето седиште во Азија, рече новиот извршен директор на берзата Гери Џонс во својот прв настап од преземање на должноста. Лондон е центар на нашето работење. Не планираме да ја селиме платформата во Хонг Конг или на кое било друго место, изјави Џонс. Лани во декември Хонгконшката берза ја презема Лондонската берза на метали за 2,2 милијарди долари. Можноста за селење на ЛМЕ во Азија ја наајави претходниот директор на берзата Мартин Абот.

Париз – Производителот на мобилни телефони и телекомуникациска опрема „Алкател Лисан“ соопшти дека планира да укине околу 10.000 работни места во светот во следните две години. „Алкател“ се одлучи на овој чекор во рамки на обемната програма за намалување на трошоците со цел да обезбеди одржлива иднина во индустријата. Француско-американската групација наведува дека подготвила план за реформи, кој предвидува 4.100 откази во Европа, Африка и на Блискиот Исток, 3.800 во азиско-пацифичкиот регион и 2.100 во Северна и Јужна Америка.

Вашингтон – Новите американски банкноти од 100 долари со цела низа специјална заштита од фалсификат, ќе бидат пуштени во оптек. Изработката на оваа банкнота траеше над 10 години и беше проследена со многу проблеми во производството. Но, сега проблемите се решени. Некои клиенти на банките ќе можат уште денеска да ги видат новите банкноти.

Њујорк – Во Африка живеат 55 милијардери, а речиси половината од нив се во Нигерија, покажува листата што ја подготви американското списание „Венчр“. Африка брои многу повеќе милијардери од што обично се смета, додека сиромаштијата продолжува да се зголемува, открива ова списание во својата најнова студија. Меѓу 55 најбогати Африканци, дури 20 се од Нигерија, а три четвртини од нив се на врвот на листата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП