2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВтор Глобален инвестициски самит во Охрид

Втор Глобален инвестициски самит во Охрид

gl-samit-oh

Над 350 учесници од повеќе земји во светот денеска и утре во Охрид ќе дебатираат за можностите за поголема економска соработка на вториот Глобален инвестициски самит што го организира „Македонија 2025“.

На отворањето на Самитот најавено е обраќање на премиерот Никола Груевски, на амбасадорот на САД во Република Македонија Пол Волерс, претседавачот на Одборот на директори на „Македонија 2025“ Мајк Зафировски и на претседавачот на Самитот Зоран Мартиновски.

Организаторот на Инвестицискиот самит, „Македонија 2025“, смета дека овој самит ќе биде еден од најголемите бизнис собири во земјава. Ќе учествуваат компании од САД, Австралија, Кина, Јапонија, Шведска, Германија, Холандија, Унгарија, Турција…, а меѓу говорниците се претставници на „Филипс“, „Нокиа“, Дојче телеком, Канадиан бомбардиер, Аџибадем Турција, Моторола, СЕАФ…  Организаторот ја истакнува како посебно значајна соработката со владините министерства и институции за привлекување странски инвестиции, кои помогнаа на самитот да се регистираат многу звучни имиња од реномирани светски компании.

– Министерот за странски инвестиции Веле Самак се погрижи да имаме присуство на претставници на највисоко ниво од Ван Хол од Белгија, Дрекселмаер од Германија и други потенцијални странски инвеститори.

Министерот за странски инвестиции Џери Наумоф, исто така, покани голем број заинтересирани странски инвеститори од САД.

Посебно е значајна и активноста на Инвест Македонија, кои преку своите економски промотори во Охрид ќе донесат претставници на големи компании од Албанија, Јапонија, Кина, како и повеќе претставници на Адмилиа Холдинг Лтд, кој интегрира 70 италијански претприемачи кои разгледуваат опции за реализирање на инвестициски проекти во Македонија, информираат од „Македонија 2025“.

Странските компании, како што посочуваат од Организацијата, изразиле отвореност за соработка во сферата на аутсорсинг, извоз, инвестиции, логистика, консултации, заеднички вложувања, истражување и развој. За време на самитот веќе се закажани стотина билателарни средби.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП