9 мај, 2024
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАВештачката интелигенција почна да „голта“ професии – загрозени се новинарите, ама и...

Вештачката интелигенција почна да „голта“ професии – загрозени се новинарите, ама и тату-артистите?!

Вештачката интелигенција е еден од највлијателните фактори кои ќе го променат светот во иднина.

Но, додека некои се воодушевени од нејзините можности, други се плашат дека таа ќе им го украде работното место.

Кои професии се најзагрозени од развојот на вештачката интелигенција и како може да се прилагодат на новата реалност?

Една од професиите која може да биде засенета од вештачката интелигенција е новинарството.

Според истражување на Оксфордскиот универзитет, големи се шансите компјутерот целосно да ги замени новинарите. Веќе постојат програми кои можат да генерираат текстови за спортски настани, финансиски извештаи или вести од социјалните мрежи. Овие текстови се базирани на податоци и алгоритми, без потреба од човечка интервенција.

Но, дали вештачката интелигенција може суштински да ги замени новинарите кои се занимаваат со посериозни теми, како политика, култура или наука?

Некои новинари кои неодамна учествуваа на Конгресот за вештачка интелигенција и новинарство во Виена, велат дека сè уште е рано вештачката интелигенција да ги остави без работа, но дека постојат шанси тоа да се случи.

Единственото нешто што му недостига на роботот, а кое го поседува новинарот, е искажувањето чувства, нешто што е сосема непознато за компјутерот.

„Вештачката интелигенција може да генерира факти, но не и контекст. Новинарите имаат способност да анализираат, интерпретираат, да критикуваат, да искажуваат сочувство, среќа, да плачат… Тие исто така имаат етички кодекс и одговорност пред јавноста. Вештачката интелигенција нема такви квалитети“, рече неодамна Кадиџа Пател од Јужна Африка.

Таа рече дека вештачката интелигенција е корисна алатка за новинарите, но не и замена.

„Таа може да помогне во прибирањето и обработката на податоци, но не и во создавањето на приказни. Новинарите имаат креативност, стил и личност. Тие исто така имаат чувства и емпатија за своите извори и читатели. Вештачката интелигенција не може да ги имитира тие аспекти“, рече новинарката.

Но, новинарството не е единствената професија која е изложена на ризик од вештачката интелигенција.

Програмерите, професионалните возачи, а со развојот на роботиката ќе настрадаат и дел од занаетчиите.

Една од нив е и тату-артистката Елена од Скопје, која вели дека вештачката интелигенција ја напаѓа и нејзината струка, бидејќи во Германија веќе почнале да се прават ласерски тетоважи со помош на компјутер.

„Тоа е ужасно. Тетоважата е уметност, а не машинска работа. Тетоважата треба да има душа, а не само форма. Тетоважата треба да биде израз на личноста и ставот на човекот, а не само моден додаток. Тетоважата треба да биде направена со љубов и страст, а не со ладен и прецизен ласер“, рече нашата соговорничка.

Вештачката интелигенција е неизбежна реалност која ќе има големо влијание врз сите сфери на животот. Некои професии ќе бидат заменети, а други ќе се променат или прилагодат. Она што е сигурно е дека човечката интелигенција, креативност и чувства ќе останат незаменливи вредности.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП