6 мај, 2024
ПочетнаАВТОБИЗКако да дознаете дали е враќана километражата на автомобилот што сакате да...

Како да дознаете дали е враќана километражата на автомобилот што сакате да го купите?!

Купувањето на половен автомобил може да биде ризично, особено ако не сте сигурни во состојбата и историјата на возилото.

Една од најчестите измами кои се случуваат при продажба на половни автомобили е враќањето на километражата, односно намалувањето на поминатите километри со цел да се зголеми вредноста на автомобилот.

Ова не само што е незаконско, туку е и опасно, бидејќи може да доведе до сериозни дефекти и трошоци за поправка.

Некои истражувања покажуваат дека само 10 проценти од автомобилите во Македонија се продаваат со вратена километража, но експертите и автомеханичарите не се согласуваат со ваквиот процент и сметаат дека тој е многу повисок.

„Што се однесува до враќањето на километражата на возилата, статистиката според мене е потполно нереална. Да, вистина е дека до пред неколку години враќањето на километрите беше многу почеста појава, но сега малку е намалена оваа пракса затоа што нашите увозници почнаа да купуваат автомобили од странство кои некогаш биле набавени преку лизинг, како и возила од ‘рент а кар’ компании кои редовно го обновуваат својот возен парк, а старите возила ги продаваат на Балканот“, коментираат експертите од автомобилската индустрија.

Затоа, советуваат тие, пред да купите половен автомобил, важно е да проверите дали километражата на возилото е реална или не.

Еве неколку совети од експерти за автомобили како да препознаете дали километражата на едно возило е лажирана:

Проверете ја сервисната книшка на автомобилот. Ова е најдобриот начин да видите колку километри има поминато автомобилот и дали бил редовно одржуван во сервис за автомобили. Ако сервисната книшка не постои или изгледа сомнително, тоа може да биде знак дека километражата е враќана.
Споредете ја километражата со годината на производство и моделот на автомобилот. Просечната годишна километража за еден семеен автомобил во Македонија изнесува околу 10.000 километри. Ако автомобилот има многу помалку или многу повеќе километри од очекуваното, тоа може да биде индикација за враќање на километражата.

Проверете го надворешнит изглед и ентериерот на автомобилот. Ако автомобилот има многу мала километража, тоа треба да се одрази и на неговиот ентериер. Проверете дали има знаци на истрошеност или оштетување на следниве делови: волан, педали, седишта, тапацири, гуми, фарови, брисачи. Ако овие делови изгледаат премногу потрошени за наведената километража, тоа може да значи дека таа е враќана.

Користете специјализирани алатки или апликации за проверка на километражата. Постојат разни алатки или апликации кои можат да ви помогнат да проверите дали километражата на автомобилот е враќана или не. Некои од нив се: CarVertical, Carfax, AutoCheck и други. Овие алатки или апликации ви овозможуваат да го внесете бројот на шасијата на автомобилот и да добиете извештај за неговата историја, вклучувајќи ја километражата, листата со претходни сопственици, несреќите и други податоци.

Однесете го автомобилот на преглед кај стручно лице. Ако сè уште не сте сигурни за километражата на автомобилот, најдобро е да го однесете на сервис кај автомеханичар. Таму ќе можат да го проверат автомобилот подетално и да ви кажат дали има некакви несогласности или проблеми.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП