2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈА„А кој ви ги чува децата кога се болни?“ Самохраните мајки најтешко...

„А кој ви ги чува децата кога се болни?“ Самохраните мајки најтешко наоѓаат работа во Македонија

Самохраните мајки во Македонија се соочуваат со многу проблеми и пречки кога станува збор за нивната економска независност и социјална интеграција.

На интернет кружат многу огласи од самохрани мајки кои бараат работа, а кои се жалат дека работодавачите веднаш се откажуваат од нив штом ќе слушнат дека се самохрани родители.

Ова ги става во несигурна и ранлива позиција, особено ако немаат друг извор на приход или поддршка од семејството или државата.

Самохраните мајки се соочуваат со дискриминација, стигма и стереотипи од страна на работодавачите, кои честопати ги сметаат за неодговорни или неспособни да ги извршуваат своите работни обврски. Освен тоа, тие имаат и поголеми трошоци за живеење, бидејќи мораат да се грижат сами за своите деца, да плаќаат сметки, храна, облека и образование.

Еден оглас на Интернет кој подолго време е активен, гласи:

„Барам работа само прва смена од 8 до 16, од 7 до 15 или од 9 до 17 часот. Локација Аеродром. Имам искуство како административен и финансиски работник повеќе од 4 години. Многу пати праќав си-ви во постоечките платформи за вработување, но ништо од тоа. Но, сѐ би можела да работам. Мајка сум на три деца и потребна ми е работа. Можам да чувам детенце, да работам во бутик, сендивчарница, пекара или по кујните како помошник, а знам да работам и на каса со терминал. Плата во зависност од работата, но не помала од 27.000 денари. Не каталошка продажба. Ви благодарам однапред на разбирањето“, напиша извесна Милена на Фејсбук.

Извесна Мартина, пак, која и самата е самохрана мајка, ѝ напиша коментар:

„Чисто како информација ќе го споделам ова, но во слична ситуација се наоѓам и јас. Точно една година аплицирам за работа, се јавуваат, викаат на интервју, покрај прашања во врска со работното искуство и проценка на профил на личност прашуваат и дали сум во брак, дали имам деца, кој ми ги чува децата кога се болни. И што понатаму? Никогаш не ми се јавиле да почнам да работам, т.е. не ме избрале за тоа работно место. Зошто? Не знам. Можеби поради тоа што имам деца или поради тоа што сум самохран родител, или поради двете“, напиша Мартина.

Една од тие самохрани мајки е и Соња, 40-годишна скопјанка, која во моментов работи на бензинска станица.

Таа е самохрана мајка на две деца, 12-годишен син и 8-годишна ќерка. Соња објаснува дека долго време траела потрагата по работа само затоа што е самохрана мајка.

„Кога ќе појдев на интервју за работа, првото што ме прашуваа е дали имам деца, дали сум во брак или сум разведена. Кога ќе им кажев дека сум самохрана мајка на две деца, веднаш забележував како им се менува изразот на лицето. Ќе ми речеа дека ќе ме повикаат или дека ќе разгледуваат други кандидати. Никогаш повторно не ми се јавуваа”, раскажува нашата соговорничка.

Таа додава дека работата на бензинската станицата е единствената што успела да ја најде по двегодишно барање.

Соња не е единствената самохрана мајка која се соочува со овие проблеми. Многу други самохрани родители во Македонија имаат слични искуства и потешкотии. Тие бараат од државата да ги препознае нивните потреби и права, да им обезбеди финансиска помош и социјална заштита, да им овозможи флексибилно работно време и да им овозможи квалитетни услуги за грижа за децата, како и да ги заштити од дискриминација и маргинализација на пазарот на труд.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП