11 октомври, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали завршија деновите на евтини авионски билети?

Дали завршија деновите на евтини авионски билети?

Франција ќе бара поддршка од другите земји од Европската унија за минимална цена за летовите во Европа во обид да се намали придонесот на воздухопловниот сектор за климатските промени, изјави министерот за транспорт на земјата, Клемент Бон.

Овој потег, доколку биде одобрен, ќе ги погоди авиокомпаниите кои нудат ниски цени. Се очекува нискобуџетните авиокомпании да се борат да добијат доволно поддршка од земјите на ЕУ кои се потпираат на воздушниот сообраќај и регионите со евтини туристички сектори, вклучително и Ирска, пишува Irish Independent.

Целта на Франција е „да отвори дебата за правичната социјална и еколошка цена на авионскиот билет“, рече Бон. Според него, не е идеја да се помножи цената на билетот со 10, бидејќи некои луѓе летаат со авион многу ретко или еднаш во животот, а слободата на летање не може да биде резервирана само за богатите.

Претставници на ЕУ за Ројтерс изјавија дека Холандија и Белгија начелно ја поддржуваат иницијативата на Франција, како и дека Австрија претходно предложила минимална цена, но се соочила со правни компликации и не можела да ја спроведе идејата. Италија предложи да се постави минимална цена минатиот месец, а Париз рече дека тоа е дискусија што треба да се одржи на ниво на ЕУ.

На почетокот на оваа година, Бон за прв пат предложи евтините авионски билети да се укинат. Тој рече дека сака да се „бори против социјалната и еколошката депонија“ и дека „авионските билети повеќе од 10 евра не се можни“, додавајќи дека евтините билети не ги одразуваат трошоците за планетата.

Европските експерти за животна средина оценуваат дека „се што ги принудува авиокомпаниите да плаќаат фер дел од еколошките трошоци што ги создаваат е добра работа“. Според истражувањето на групата за климатски кампањи „Можно“, во Франција околу два отсто од луѓето учествуваат во половина од летовите, 15 отсто од Британците учествуваат во 70 отсто од летовите, а осум отсто од Холанѓаните учествуваат во 42 отсто од летовите, пренесува Euronews.

Според едно европско истражување од 2014 година, 37 отсто од Европејците никогаш не патувале надвор од својата земја. Иако оваа статистика не се однесува директно на воздушниот сообраќај, таа дава идеја за тоа колку Европејци летаат. Според извештајот на Гринпис од јули, билетите за воз се двојно поскапи од авионските билети.

Во мај оваа година Франција воведе забрана за некои домашни летови. Тоа се летови кои можат да се заменат со патување со воз, кое трае помалку од 2,5 часа. Меѓутоа, бидејќи возовите генерално не сообраќаат доцна во ноќта, забраната беше воведена само на летовите од Париз до Бордо, Лион и Нант.

Во Германија, тие бараа начини да ги елиминираат кратките домашни летови, нудејќи бесплатни билети за воз до аеродромот во Франкфурт и некои други градови. Во Германија тоа е можно поради добрите железнички врски со аеродромите, но не и во Франција, каде што аеродромите ги поврзува само брзата и скапа железничка мрежа ТГВ.
Минималната цена може да го наруши бизнис моделот на авиокомпаниите како што е Ryanair, која нуди ниски цени на многу линии во Европа. Rynair рече дека не гледа ризик ЕУ да воведе минимални цени или задолжителни ограничувања на летовите бидејќи тоа е „политички невозможно“.

Наместо тоа, Ryanair вели дека авиоиндустријата треба да ги намали емисиите на јаглерод на нула со зголемување на употребата на еколошки одржливи авионски горива и користење на поголеми, помалку бучни авиони.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП