30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМинистерство за економија ја објави листата на производи кои ќе поевтинат за...

Министерство за економија ја објави листата на производи кои ќе поевтинат за 10%

На предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе Одлука за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед.

Согласно одлуката за 10% се намалуваат цените кои што се применувале на 1 август 2023 година во трговија на мало на следните производи:

1) ориз бел, во пакување од 900 g до 1 кг;
2) брашно пченично тип 400 и тип 500;
3) бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 гр (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите;
4) други пекарски производи;
5) бисквити „Petit Beurre” и бисквити обични и посни од 300 до 500 гр;
6) наполитанки, со фил од какао крем (обични, непрелиени) од 300 до 500 гр;
7) тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица обични) без и со јајца од 500 гр;
8) јунешко месо без коски, од бут или некој друг дел;
9) свинско месо без коски, од бут или некој друг дел;
10) мелено месо свинско и јунешко;
11) пиле свежо или замрзнато (цело);
12) пилешки стек свеж или замрзнат;
13) чаен колбас (јунешки, свински и говедски) без додатоци и без слајс пакување;
14) пилешка посебна салама (без слајс пакување);
15) паштета од џигер и пилешка (без додатоци) во пакување од 95 и 100 гр;
16) трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, во пакување од 1 л;
17) јогурт од кравјо млеко обичен (без додатоци) со масленост од 2,8% до 3,2%, во пакување од 1 л и 1,5 л;
18) кисело кравјо млеко (обично, без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2%, во пакување од 300 до 500 гр;
19) павлака од кравјо млеко со масленост од 12% до 20%, во пакување од 180 или 200 гр ;
20) традиционално кравјо бело сирење и мешано бело сирење (без додатоци);
21) традиционален кравји и мешан кашкавал (без додатоци);
22) свежи јајца од кокошка;
23) свежо овошје и
24) свеж зеленчук.

Како што кажа министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција, листата на производи во наредниот период најверојатно ќе се проширува, а со моменталната листа, посочи, целокупната инфлација во делот на храната би паднала за 4 до 5 отсто.

“Намалување на цените на овие 25 категории производи нема да има за постојните, туку за цените што ги имале на 1 август годинава. Тие цени од 1 август дополнително треба да бидат намалени за минимум 10 отсто. Доколку од 1 август досега биле драстично зголемени цените за некој од овие производи тоа би можело да значи намалување на цената и за 30 до 40 отсто. Трговците за вршење дејност производство и трговија на големо за овие производи треба да одобруваат рабат и други надоместоци кон трговците на мало во висина до 5 отсто и не повеќе. Трговците на мало за овие производи кога ќе бидат поставени на полиците треба да ги обележат со натписот „гарантирана цена“ што е објавен на веб-страницата на Министерството за економија и веќе е споделен со сите синџири на супермаркети„ кажа министерот Бектеши.

Според одлуката, трговците за вршење дејност производство и за вршење дејност трговија на големо имаат обврска производите/стоките кои се со намалена цена, да им ги продаваат месечно на трговците за вршење дејност трговија на мало, во количина од најмалку 70% од количината продадена во месец август 2023 година.

Исто така, на предлог на Министерството за економија Владата на денешната седница , донесе и Одлука за дополнување на Одлуката за забрана на трговците да вршат трговија со одделна стока.
Со Одлуката, им се забранува на трговците на мало да нудат акциска продажба (акција) и промотивна продажба (промоција) при ставањето во промет на земјоделски и прехранбени производи. Забраната ќе важи до 30 ноември 2023 година.

Воедно, одлучено е, цените во трговијата на мало коишто се намалуваат поради истекување на рокот на земјоделските и прехранбените производи, да не се сметаат за акциска продажба (акција).
Овие две одлуки стапуваат на сила сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се применува до 30 ноември 2023 година, со можност за продолжување доколку состојбата на пазарот и понатаму го бара тоа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП