3 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАЗа кого (не) возат возовите?

За кого (не) возат возовите?

Железничкиот сообраќај во Македонија е во многу лоша состојба, нередовен и неефикасен.

Многу граѓани се жалат дека возовите се стари, често се расипуваат и дека често доцнат дури и по неколку часови.

Ова им предизвикува големи проблеми на корисниците, особено на оние кои патуваат од еден во друг град по работа.

Една од нив е Антонија Стојановска, која живее во Велес, а работи во Скопје.

Таа вели дека во минатото редовно се возела со воз, но дека сега одбегнува да го прави тоа затоа што возовите се стари, неудобни и несигурни.

„Последниот пат кога се возев со воз, тој се расипа среде пустелија и моравме да чекаме два часа додека да дојде друг воз за да нè земе. Беше ужасно. Сега патувам со автобус или со колеги кои имаат автомобил”, вели таа.

Слично мислење има и Дарко Серафимовски, студент од Битола, кој студира на Факултетот за електротехники и информатички науки во Скопје.

Тој вели дека превоз си бара преку социјалните мрежи или патува со автобус.

„Возовите се премногу бавни и несигурни. Не можам да ризикувам да задоцнам на предавањата или на испитите. Се сеќавате кога возот Скопје-Битола неодамна доцнеше цели 7 часа? Јас бев внатре и тоа е една голема траума за мене”, вели тој.

Според податоците од Министерството за транспорт и врски, железничкиот сообраќај во Македонија бележи значителен пад на бројот на патници во споредба со изминатите години.

Познавачите на приликите велат дека сето ова се должи на лошата инфраструктура, недостигот на модерни возови и локомотиви, неконкурентни цени и нередовен распоред.

Протестите и штрајкот се честа појава во Македонски железници, бидејќи, како што велат дел од вработените, платата им доцни неколку месеци.

„Ние сме вработени во Македонски железници, но не добиваме редовно плата. Секој месец ни даваат плата поделена во половинки, а ни доцнат веќе три месеци. Немаме никаква сигурност и перспектива за нашата работа. Затоа сме принудени често да протестираме и да бараме одговорност од Владата и од раководството на компанијата. Ние сакаме да работиме и да обезбедиме квалитетен и безбеден транспорт за граѓаните, но не можеме да го правиме тоа ако не сме платени и ако не се инвестира во железницата“, ни изјави еден од вработените, кој од разбирливи причини сакаше да остане анонимен.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП