14 октомври, 2024
ПочетнаКОЛУМНИНајголемата болест денес

Најголемата болест денес

Според еволуационата теорија на Чарлс Дарвин човекот настанал од мајмунот.

Нашите предци водени од инстиктот да преживаат но и да имаат повеќе, односно во потрага по храна, се симнале од дрвата и почнале да ловат. Се исправиле на две нозе, научиле како да ја обработуваат земјата, припитомиле животни од кои добивале млеко, месо, но и волна, кожа и други работи. Некои одбрале да останат на дрвата, да јадат листови и бубачки и да се излежуваат по гранките и си останале мајмуни.

Но реално, вистинскиот развој на човештвото започнал со настанок на писмото односно кога знаењата се запишувале и пренесувале од генерација на генерација. На почетокот моќта била кај оние кои го имале знаењето и дури имало периоди кога тие знаења љубоморно се чувале и се пренесувале на ограничена група луѓе.

Познати се многу настани од минатото кога луѓето во потрага по нови знаења, истражувале, патувале, умирале, биле херои, но и ѓаволи, затоа што промената е тешка.

Денес, во ерата на модерната технологија и компјутерите, се е подостапно и полесно, а во исто време до знаењето може да се дојде со неколку клика на компјутерот или на вашиот паметен телефон.

Значи денес животот е полесен, се е подостапно и ни останува само да ги користиме придобивките на модерното време. Така е, но тука е и стапицата. Достапноста не затапува и не прави мрзеливи. А токму мрзата е најголемата болест на денешното општество.

Имено, таа достапност на информации, знаења и можности, води кон тоа да се мисли дека се сẻ може без многу напор, дека лесно ќе се дојде до пари и поубав живот. Разни финасиски друштва што нудат брзи пари (кредити) само го надополнуваат овој амбиент.

Суштината на човековото битисување останува иста, а таа е дека само со напор, воља и учење може да се напредува. Но тоа значи и откажување од многу погодности и лесен живот. Знаете, има еден, јас би го нарекол феномен кај нас, а тоа е дека сред работен ден, во работно време има полни кафулиња со народ. Ова се случува во секој град на државава. Прашање е зошто наместо работа и остварување профит се одбира полесен начин, а тоа е неработењето.

Се сеќавате на Сизиф, лик од грчката митологија кој го туркал каменот по ридот, а тој повторно се враќал назад.

Мрзата е каменот што не влече надоле и не ни дозволува да се искачиме на ридот. Многу од нас се одлучуваат да не го туркаат каменот. Полесно е да си седиме во подножјето на планината и да го обвинуваме небото за сонцето, за дождот и за ветерот. И знаете што е интересно, и другите што се во подножјето се сложуваат со тебе дека во подножјето е поубаво и подобро. Па сега мора ли да се искачиме на врвот, па видете колку не има нас долу.

Како нус појави на оваа болест е суетата и обвинување на сите други за сопствените неуспеси. Нели ви е ова познато дека секој и се нешто друго е виновно за она што ни се случува. Па кој е тој да ми каже мене како и што треба, па ние сме сите родени за успех но родителите не не подржале, не мрзи професорот или директорот, ние сме безгрешни но тоа не е препознаено.

Каменот е тежок, а има и друга вистина. Успехот најтешко ти го простуваат. Па затоа многу од подножјето ќе те тапкаат по рамо и ќе се среќни ако си со нив, а не на ридот. А со тоа ќе си го оправдуваат и своето битисување во мрза и просечност.

Она што е поентата на овој текст е дека промената на едно општество треба и мора да започне од поединецот. Секој поединец треба да запне и да го истурка каменот до ридот без оглед на неговата тежина и нерамен терен.

Промената е исто така и индивидуален акт. Ќе најдете многу техники за успех, начини да се мотивирате, сите ќе ви даваат препораки но без волја и желба за промени, до промена нема да дојде. Нема згарантиран рецепт за успех.

Без оглед на тоа колку време ќе ни е потребно да се качиме, како што одиме нагоре каменот ќе тежи се повеќе и повеќе, но погледот од врвот на планината е поубав и вреди за сета мака.

Дали е така? Проверете. И најдолгиот пат започнува со првиот чекор.

М-р Раде Чоловиќ

Редакцијата на ДЕНАР.МК не секогаш се согласува со ставовите искажани во текстовите од нашите соработници и истите не ги претставуваат ставовите на ДЕНАР.МК

За англиска верзија кликнете ТУКА / For english version click HERE

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП