КОЛУМНИ

„Bayer“ планира фабрика во САД вредна 2,2 милијарди долари

Германскиот фармацевтски гигант „Bayer“ планира да инвестира 2,2 милијарди долари во фабрика во Охајо, објавува „Bloomberg“, додавајќи дека станува збор за дел од серијата инвестициони најави на европските фармацевтски компании за отворање производствени капацитети во САД, во услови на царински притисоци.

Секторот е под притисок од Белата куќа да ги намали цените на лековите, како и поради желбата на администрацијата на Доналд Трамп да го зголеми домашното производство. Германскиот производител не беше меѓу компаниите што се согласија да ги намалат цените во замена за олеснети увозни царини, бидејќи сè уште очекува да стапи во сила трговскиот договор меѓу САД и Европската Унија, потпишан на почетокот на летото. Договорот предвидува царини до 15 отсто за увозот на европски лекови во САД.

Од „Bayer“ посочуваат дека плановите за новата фабрика биле направени независно од царинската политика на САД. Се очекува објектот да започне со работа во 2031-ва година и да отвори 600 работни места. Во него ќе се произведуваат лекови за кардиоваскуларни и бубрежни заболувања.

Од компанијата наведуваат дека САД се нивниот најголем пазар, со удел од околу 35 отсто во продажбата на фармацевтскиот сегмент. За споредба, во 2018-та година уделот на САД во продажбата на лекови на „Bayer“ изнесувал околу 20 отсто.