КОЛУМНИ

Сулев: Што Скопје може да научи од Пловдив – најблискиот балкански пример за Европска престолнина на културата

Изборот на Скопје за Европска престолнина на културата во 2028 година не треба да го гледаме само како календар исполнет со изложби, концерти и фестивали, туку како можност да се промени имиџот на градот, да се активираат запуштените простори и да се создадат туристички производи што ќе живеат долго по завршувањето на титуларната година. Најкорисната споредба за Скопје не е со далечни западноевропски метрополи, туку со Пловдив – географски, културно и историски близок балкански град кој во 2019 година покажа како културната титула може да се претвори во поширок развоен проект.

Пловдив е особено релевантен затоа што, слично како Скопје, има сложено историско наследство, старо градско јадро, археолошки локалитети, разновидни културни влијанија и силен потенцијал за кратки регионални патувања. И двата града можат да се доживеат пеш, имаат препознатливи маала и јавни простори, гастрономска понуда и приказни што ги поврзуваат античкото, османлиското, модерното и современото време. Токму затоа искуството на Пловдив е поприменливо за Скопје од моделите на многу поголеми и побогати европски центри.

Главната лекција што можеме да ја научиме од Пловдив е дека титулата може да биде развојна алатка само ако културата, туризмот, урбанизмот и локалната економија се планираат заедно. Пловдив не ја сведе програмата на активности во период од една година, туку ја поврза со идентитетот на градот, со локалните заедници, креативниот сектор и со поширокиот јужноцентрален регион на Бугарија. За Скопје тоа значи уште сега да се планира што ќе остане во 2029, 2030 и понатаму.

Искуството на Пловдив покажува и дека подготовките мора да започнат многу порано. Уште од почетокот треба да се вклучат експерти за дојдовен туризам, бидејќи тие секојдневно ги слушаат реакциите и потребите на странските посетители. Потоа културата, туризмот, урбанизмот и локалната економија треба стратешки да се поврзат, со јасен план за инфраструктурата, програмите и институциите што ќе останат по 2028 година. Најважното прашање, затоа, не е само што ќе се случува во Скопје во 2028, туку каков град сакаме да имаме во 2029, 2030 и понатаму.

Пловдив е еден од најстарите континуирано населени градови во Европа, изграден на ридови покрај реката Марица и познат по слоевитото наследство на антички Филипопол. Неговите најпрепознатливи точки – Античкиот театар, Римскиот стадион, Стариот град со куќите од преродбеничкиот период, ридот Небет Тепе и креативниот кварт Капана – создаваат компактна културна целина во која историјата, современата уметност, угостителството и секојдневниот градски живот се надополнуваат. Токму Капана е важна лекција за Скопје: поранешен занаетчиски простор кој беше профилиран како кварт на галерии, ателјеа, дизајн, мали бизниси, кафулиња и настани, без целосно да се изгуби неговиот локален карактер. Можеби ние во Скопје тоа треба да го направиме во старата скопска чаршија?

Како Европска престолнина на културата во 2019 година, Пловдив ја развиваше програмата под мотото „Заедно“, со повеќе од 320 проекти и околу 600 настани, реализирани со над 130 организации и уметници од Европа. Програмата не беше ограничена само на центарот, туку опфати активности и во поширокиот регион. На најмалку еден настан присуствувале повеќе од 1,2 милиони посетители.

Резултатите се видливи и во туризмот и во локалната економија. Во поголемите сместувачки капацитети, бројот на странски туристи пораснал за 27 проценти, ноќевањата за речиси 18 проценти, а приходите од нив достигнале 29 милиони бугарски лева. Просечната потрошувачка на посетител изнесувала 175 лева, додека приходот од домашните културни посетители во период од две години бил проценет на околу 400 милиони лева, без трошоците за превоз и влезници. Истовремено, бројот на регистрирани претпријатија во секторот „култура, спорт и забава“ се зголемил за 25 проценти, а бројот на вработени за 16 проценти. Овие показатели не значат дека титулата автоматски создава успех, но покажуваат што е можно кога програмата е обемна, достапна и поврзана со локалната економија.

Што значи ова за Скопје? Ако Пловдив ги поврза Античкиот театар, Стариот град, Капана и ридовите во една лесно разбирлива дестинациска приказна, Скопје може да ги поврзе Старата чаршија, Калето, модернистичкото наследство, приказната за обновата по земјотресот, Матка, Водно, гастрономијата и занаетите. Наместо низ одделни атракции, градот треба да се понуди преку тематски рути и повеќедневни искуства, спроведени од искусни туристички работници и поддржани со повеќејазични водичи, јасна сигнализација, уредени пешачки зони, безбеден јавен простор и координиран превоз.

Особено важен е моделот на Капана. Скопје има простори со сличен потенцијал – делови од Чаршијата, напуштени или недоволно искористени објекти, маала со занаетчиска традиција и локации погодни за мали културни бизниси. Но нивното оживување не смее да значи само отворање локали. Потребни се ателјеа, работилници, галерии, резиденцијални програми, јавно зеленило и пристапни простори во кои локалните жители ќе останат активен дел од приказната.

За тоа е потребна заедничка работа уште денес. Културните институции, Град Скопје, државните органи, туристичкиот сектор, угостителите, водичите, организаторите на настани и локалните заедници треба да планираат како еден тим. Промоцијата мора навреме да стигне до саемите во Берлин, Лондон и Мадрид, до странските медиуми, дијаспората и продажните канали на тур-операторите. Само така посетителот ќе добие причина не само да дојде на еден настан, туку да остане подолго, да потроши повеќе и повторно да се врати.

Европските примери покажуваат дека титулата е највредна кога служи како катализатор за промени што градот и онака им ги должи на своите жители: подобар јавен простор, подостапна култура, посилна локална економија и појасен идентитет. Таа не е гаранција за успех, туку нешто што нè обврзува подобро да се организираме и можност европското внимание да го претвориме во трајна вредност.

Пловдив покажува дека балкански град со богато, но недоволно искористено наследство може да стане современа европска културна дестинација ако создаде јасен идентитет, вклучи широк круг партнери и ја продолжи програмата и по титуларната година. За Скопје, 2028 може да биде повеќе од успешна културна сезона: може да биде почеток на нов туристички бран, обновени маала и јавни простори, посилен креативен сектор и нова економска динамика. Но за тоа мора да почнеме навреме и да размислуваме не само како да организираме настани, туку како да изградиме град во кој посетителите ќе сакаат да останат, а жителите ќе сакаат да живеат.