2 мај, 2024
ПочетнаАВТОБИЗ„Renault“ го покажа новото издание на „Scenic“ (ФОТО/ВИДЕО)

„Renault“ го покажа новото издание на „Scenic“ (ФОТО/ВИДЕО)

Во минатото, „Scenic“ беше еден од најпопуларните модели на „Renault“ кога се во прашање семејните возила, а истото може да биде и во иднина. Познатото име се врати, но сега во сосема ново издание.

Претходникот веќе делумно ги усвои манирите на кросоверите, а новиот модел целосно се пресели во светот на кросоверите. Со целосно нов дизајнерски израз, „Scenic E-Tech“ доследно ги следи линиите на минатогодишниот концепт „Vision Scenic“.

Како и неговиот претходник, поставен на алуминиумски тркала од 20 инчи, овој агресивно скроен новитет има должина од 4.470 mm, ширина од 1.864 mm и висина од 1.571 mm. Тоа е забележливо отстапување од претходната генерација и уште поважно е дека е 271 mm подолг од моделот „Megane E-Tech“.

Практичноста и просторноста се во фокусот, така што новиот „Scenic“ нуди и многу простор во кабината, бројни прегради и места за складирање работи, како и багажник со основни 545 литри.

И сега малку за еколошката страна. „Renault“ сака да биде јаглеродно неутрален во Европа до 2040-та година.

Дел од напорите се видливи на „Scenic“, кој содржи 24 проценти рециклирани материјали. Дури 90 отсто од масата на возилото може да се рециклира, вклучувајќи ги и компонентите на батериите. Единственото прашање е колку од тоа всушност ќе се рециклира.

Внатрешноста на кабината можеби нема природна кожа, но има екран. Дигиталниот кокпит нуди стандардна дијагонала од 12,3 инчи, додека централниот инфозабавен екран базиран на „Android“ има димензии од 12 инчи и е вертикално ориентиран.

„Multisense“ сѐ уште е таму, а новитет е панорамското стакло „Solarbay“, кое може да се затемнува. Од „Renault“ велат дека само со ова, или отсуството на заштитна ролетна, добиле дополнителни 30 мм простор за главите на патниците.

Технолошката основа е иста како кај претходните електрични модели „Nissan Ariya“ и „Megane E-Tech“, а понудата се состои од две конфигурации на батерии и електромотори.

Почетниот модел има 170 ks и 280 Nm, а со батерија од 60 kWh нуди автономија од 420 km. Помоќната опција има 220 ks и 300 Nm, со поголема батерија од 87 kWh и автономија од 620 km.

Перформансите не се објавени, а продажбата ќе стартува на почетокот на следната година, за кога се очекува да биде позната и цената.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП