10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе снаоѓаат за да заштедат – наместо на пелети се греат на...

Се снаоѓаат за да заштедат – наместо на пелети се греат на лушпи од лешници

Високата цена на електричната енергија, огревното дрво, пелетите и на горивото за домаќинство ги тера граѓаните да бараат поевтин алтернативен начин на затоплување на нивните домови во текот на зимата.

Денар разговараше со жител на Куманово кој веќе со години се грее со печка на пелети, но наместо да купува пелети, тој во котелот на печката секојдневно тура лушпи од лешници, лушпи од ореви, семки од цреши и од вишни.

Тој објаснува дека ефектот на затоплување на просторот е ист како со пелети, а единствената разлика е тоа што треба почесто да се чисти печката од остатоците.

-Цените на струјата и на гасот се премногу високи за мојот буџет, па решив да купам печка на пелети. Пелетите се еколошки и ефикасни, но исто така се скапи. Затоа, јас најдов алтернативен начин за да ги искористам ресурсите кои ги имам. Секоја година од неколку фабрики ширум Македонија набавувам лушпи од лешници, лушпи од ореви, семки од цреши и вишни. Тие имаат добра калорична вредност и горат подолго од дрвата. Јас ги ставам во печката на пелети и таа работи без никаков проблем. Мојот дом е топол, а воедно заштедуваме пари и ја заштитуваме животната средина – раскажува нашиот соговорник кој сакаше да остане анонимен.

Денар разговараше со експерти од оваа област, па како што ни објаснија, лушпите и семките можат да бидат многу корисни за затоплување на домовите, но сепак не се толку ефикасни како дрвените пелети.

-Еден од факторите кој влијае на ефикасноста на пелетите е калоричната вредност која покажува колку енергија се ослободува при согорување. Калоричната вредност на лушпите од лешници е 18,9 MJ/kg, додека калоричната вредност на дрвените пелети изнесува 19,5 MJ/kg. Ова значи дека дрвените пелети имаат повисока ефикасност од лушпите и од семките за истиот обем и маса. Друг фактор кој влијае на ефикасноста на пелетите е влажноста, која го намалува горењето и генерира повеќе чад. Влажноста на лушпите и на семките изнесува 8,9%, а влажноста на дрвените пелети изнесува 6,4%. Ова значи дека дрвените пелети имаат подобри карактеристики за горење отколку лушпите и семките. Заклучокот е дека лушпите и семките можат да бидат алтернативен извор на биомаса за производство на пелети, но не се толку ефикасни како дрвените пелети. Сепак, тие имаат и некои предности, како што е ниската цена, високата расположливост и ниското ниво на загаденост во воздухот при горење – објаснуваат експертите.

Екипата на Денар се јави и во специјализирана продавница за печки на пелети и прашавме дали е штетно во една ваква печка да се користат семки и лушпи наместо пелети.

Оттаму ни одговорија дека нема никаков проблем, но дека потребно е секојдневно темелно чистење на печката.

-Се препорачува задолжително чистење по секои 1.500-2000 килограми пелети, а тоа треба да го правите многу почесто доколку користите алтернативни решенија наместо специјални пелети. Чистењето се прави со тоа што прво ја отворате кутијата под вратата и со одвртување на 4 завртки се пристапува на термичкиот изменувач. Со правосмукалка се вшмукуваат наслагите на пепел и саѓи и повторно се затвора кутијата. Годишно треба да се провери и да се исчисти аспираторот и вентилаторот, вентилационите решетки, горилникот и комората за согорување, како и системот за издувни гасови. Периодично треба да се проверува и да се исчисти стаклото, пепелникот, горилникот, грејачот за палење и резервоарот – ни изјавија од специјализираната продавница во Аеродром.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП